Економија
Мерките за вработување се помош за стопанството кое е пред огромни предизвици
Во Прилеп е огромен интересот за мерката од владиниот оперативен план за вработување и раст на правните субјекти, велат од прилепскиот Центар за вработување.
Според Виолета Димеска, директорка на Центарот мерката, која заврши во петокот на 24 јули, привлече за 20 повеќе апликации од лани. Нуди финансиска поддршка на претпријатијата за отворање нови работни места и за вработување нови лица.
-За мерката оваа година е доста голем интересот во споредба со лани, со оглед на тоа што и финансиската поддршка е значителна, зашто се движи од 800 000 денари до еден милион и 250 000 денари, зависно од бројот на лицата кои се вработуваат. Лани имавме 46 апликации, а сега се 65 апликации. Вработувањата се од едно до пет лица во фирмата. Фирмата треба да има позитивно салдо и да нема намалувања на бројот на вработени. Лани имавме 35 отворени фирми со 46 вработувања, а годинава се 65 апликации и допрва ќе се знае бројот на вработувања, зашто има селекција. Финансиската поддршка е 250 000 денари за лица вработени до 29 години, 220 000 денари за Роми, жени долгорочно невработени, жени со средно и високо образование и за лица долгорочно невработени. Финансиската подршка од 160 000 денари е за лица со над 29 години, а се водат како активни баратели на работа, објасни Димеска.
Фирмите имаат потреба да се прошируваат, а мерката нуди овие средства да се користат за набавка на опрема и за материјали, потребни за работењето.
Според Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп секоја ваква владина мерка е добредојдена. Стопанството е претпазливо и проектира големи предизвици за наесен. Особено што Централната европска банка во преден план ги стави инфлаторните движења како нус-појава од воените движења на Блискиот исток. Ваквите владини мерки се за поздравување, особено што досега мерката ја искористиле 1 300 фирми за околу 1 700 вработувања.
-Доколку се земат предвид светските текови и последното соопштение од Европската централна банка, може да утврдиме дека ќе нѐ очекува неизвесна есен, особено што централната европска банка во преден план ги става инфлаторните движења кои би се случувале, како нус-појава од она што се случува од воените дејства на Блискиот исток. Ќе нѐ очекува доста неизвесна есен. Се надеваме дека ќе се стабилизирааат цените и дека барем ќе се запре за да се планираат идните производства. Во спротивно, бизнисот ќе биде премногу внимателен и во производството и во своите планирања. Ја поздравуваме оваа мерка. Секоја мерка која Владата ќе ја промовира или презентира за бизнисот е од огромна помош. Овие мерки ќе помогнат и ќе влијаат на сите неповолни текови кои се случуваат. Сето е за да се задржат и да се одржат одредени бизниси и работни места за да може полесно да го поминеме периодот кој ни доаѓа оваа есен, вели Мариноски.
јули 27, 2026
