Connect with us

Вести

Проширувањето на ЕУ и реформите во фокусот на 9. седница на Националниот совет за евроинтеграции

Членовите на комисиите за европски прашања и за надворешна политика и надворешна трговија и на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ – ЕУ денеска на седницата на Националниот совет за евроинтеграции ги изнесоа своите ставови за процесот на европска интеграција пред евроамбасадорот Михалис Рокас и вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали. 

За пратеничката Арбана Пашоли од ДУИ, интегративниот процес во Европа е најзначајниот стратешки процес во земјата. Тој, како што рече, не е само објектив на надворшената политика, туку процес што го одредува патот на демократскиот, економскиот и институционалниот развој во една држава.

– Eвропскиот фронт смета дека во оваа фаза на процесот најголемата одговорност е на државните институции. Граѓаните имаат потреба да ја слушнат вистината колку и да е тешка. Не му служи на никој создавањето илузија дека процесот може да продолжи без исполнување на обврските што државата ги презела како одговорност. Транспарентноста и искреноста се предуслов за изградба на јавно мислење – истакна Пашоли. 

За неа загрижувачки е, како што потенцира, говорот што се користел последните месеци од претставниците на власта со песимизам и создавање впечаток дека процесот е невозможен.

– Тие не им штетат само на перцепцијата на граѓаните, туку и ги ослабуваат позициите на државата. Оние што го поддржуваат овој процес треба да се најсилниот глас во европската перспектива, не гласот што создава отпор или релативизација во еден сериозен процес за европска интеграција и кога се работи за стратешки интереси на државата – додаде Пашоли.

Се осврна на пораките од известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дека патот во Европската Унија за Македонија бара политичка одговорност, дијалог и одлуки, кои бараат продолжување на интегративниот процес. 

– Пораката што доаѓа од Брисел и Стразбур е јасна. Европската перспектива на нашата земја е реална, но таа бара исполнување на преземените обврски и изградба на консензус. Тука стои одговорноста на власта. Задачата на нивните претставници не е да ја интерпретираат по тоа каков е денот и пораките што доаѓаат од Европската Унија, туку тие да им го пренесат тоа јасно на граѓаните. Граѓаните треба да знаат што се бара од државата и кои се последиците од недејствувањето – рече Пашоли нагласувајќи дека клучот за продолжување на преговорите се уставните измени. 

За пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија има многу добар напредок во реформите предвидени според планот за раст на Европската комисија.

– Во однос на извештаите од Брисел и она што го добивме и како писмен извештај, но и од претставниците на Европската комисија, кои беа во посета на Македонија, оценката е дека реформите предвидени според планот за раст на Европската комисија и во согласност со реформската агенда што е направена и од оваа и од претходната влада заеднички, Македонија има многу добар напредок – рече Милошоски.

Во однос на реформската агенда потсети дека од 10-те предвидени задачи, испорачани се девет. 

– Единственото што не успеавме да го испорачаме беше усогласен Изборен законик и, за жал, две политички партии во опозиција со голем број амандмани го блокираа. Тоа е нивно легитимно право, не бегаме ни од нашата одговорност, но треба да се каже јасно и гласно дека овој дел од обврските не беше исполнет поради политички процени на овие субјекти – рече Милошоски.

Тој се осврна и за состојбата со правосудството навраќајќи се на трагедиите со модуларната болница и „Беса транс“ и ажурноста на Обвинителството, полицијата и судството правејќи споредба со случајот со водата во Гостивар, каде што во рок од три дена било постапено.

– ​Во однос на преговорите со Европската Унија, јас би кажал само една констатација. Добро е што проширувањето на Европската Унија добива и геополитичка димензија. Бидејќи и претходно проширувањето имало геополитичка димензија во својата супстанција. Ние знаеме за проширувањето со десетте нови земји членки на ЕУ, кога влезе и Република Кипар, имаше геополитичка одлука затоа што Република Кипар не контролира една третина од својата територија, но стана земја членка. И геополитички е одлуката и Молдавија и Украина да почнат преговори иако знаеме дека добар дел од нивната територија не е под контрола на избраната демократска власт во Киев или во Кишињев. И ако има политичка волја, мислам дека и Македонија и другите земји од регионот може да почнат преговори и да напредуваат во преговорите во согласност со постигнатите резултати – истакна Милошоски. 

Потенцијалот на Македонија како држава, институционален, на администрацијата и на државната управа, смета дека е на солидно ниво да може да одговори на секоја дадена задача и на секој предложен пакет-мерки, што би требало да ги исполниме, а за возврат да бидеме наградени со постепено интегрирање во областа на која се однесува тој пакет. 

Рина Ајдари од ДУИ посочи дека кога станува збор за европските интеграции, најголем предизвик е во институциите, а не во надворешниот фактор.

– Некој нè блокира, некој поставува нови услови и некој не си го држи дадениот збор. Ако сме искрени самите кон себе и со граѓаните, но и со нашите европски партнери, треба да прифатиме дека деновиве голем предизвик не е надвор од границите на државата, најголем предизвик е внатре во нашите институции. Последните две години, наместо да гледаме забрзување на реформите, гледаме попречување. Наместо да се изгради политичка клима што ќе ја зближи земјата со Европската Унија, се создава атмосфера на политички судири, селективно одлучување и двојни стандарди – рече Ајдари. 

Европа, нагласи, не е само отворање и затворање глави, Европа е почитување на институциите, владеење на законот, транспарентност, политички дијалог, почитување на опозицијата, одбрана на правата на секој граѓанин, без разлика на етничката заедница.

– Ние не ја критикуваме власта бидејќи сме опозиција или дека ѝ припаѓаме на една одредена националност. Во повеќето случаи ја критикуваме бидејќи во овие две години изгуби значајно време и визија, без храброст за реформи и, пред сè, без убедувањето дека европските стандарди не се спроведуваат само кога тоа го бара Брисел, туку бидејќи тоа го заслужуваат нашите граѓани – истакна Ајдари.

Жаклина Пешевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, забележа дека во изминатиот период Владата покажала јасна политичка волја и одговорен пристап кон исполнување на реформските обврски. 

– Интензивно се работи на реализација на реформската агенда и на планот за раст на Европската Унија преку мерки што ќе ја подобрат ефикасноста на институциите, ќе ја поттикнат економијата и ќе обезбедат поголема доверба кај граѓаните. Особено е важно што реформите не ги спроведуваме само затоа што тоа го бара Европската Унија, туку затоа што тие се неопходни за нашата држава. Борбата против корупцијата, ефикасното правосудство, професионалната јавна администрација, дигитализацијата и транспарентноста се реформи што им се потребни, пред сè, на нашите граѓани – рече Пешевска. 

Патот до полноправно членство, според неа, не е лесен и пред нас стојат многубројни предизвици.

– Но исто така сме убедени дека со одговорни политики, политички дијалог и посветена работа можеме да го забрзаме европскиот пат на Македонија, без отстапување од нашите национални интереси и достоинството на државата. Нашата обврска е да покажеме дека Македонија е подготвена да биде кредибилен и сигурен партнер во европското семејство. Тоа им го должиме на сегашните, но уште повеќе на идните генерации – истакна Пешевска. 

Пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ повика на разум, дијалог и сеопшт политички консензус. 

– Има прашања за кои македонското општество одамна ги донело своите одлуки и ги искажало своите намери. Од таа причина мораме да се вклучиме во дијалог, и тоа дијалог што ја почитува нашата историја, а воедно ја признава и нашата желба да бидеме дел од нешто поголемо. Сакаме да ги донесеме и нашите силни страни и да бараме разбирање и поддршка од нашите колеги во Брисел – истакна Василевска. 

Со колегите од сите парламентарни релевантни политички структури во македонското Собрание истакна дека постојано работат на тој дијалог, на соработката и унапредувањето на истите вредности претставувајќи ја нашата држава на едно повисоко ниво, т.е. во светлото онаму каде што треба и да биде претставена, а тоа е да бидеме еднакви меѓу еднаквите во Европската Унија. 

– Оттаму, времето е од суштинско значење. Секој ден што поминува е пропуштена можност за нашата иднина. Светот не чека, а не треба ни ние. Додека ја бараме вашата поддршка, сакаме да градиме мостови со сите европски земји. Заедно мора да работиме за да осигуриме дека нашето пристапување резултира со заемна корист. Нашите споделени европски вредности треба да нè обединуваат, а никако да нè разделуваат – додаде Василевска.

За опозицискиот СДСМ, според пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска, ставот е ист – дека Европската Унија останува нивен стратешки приоритет и дека местото на Македонија е во Унијата.

– ​Но, за разлика од денешната опозиција, која има конзистентен став, имавме опозиција, која пред две години немаше ист став кога е опозиција и кога е на власт. Пред две години слушавме ветувања за нови преговарачки рамки, подобрени услови за преговарање, заштитени, заштитување на нешто што веќе беше загарантирано, недопрено и никогаш неоспорено. Но, тоа да го оставиме и да кажеме дека беше во рамките на политичката борба и дека тој дискурс остана во 2024 година, односно во политичкиот дискурс за тоа како да се дојде на власт – рече Костадиновска-Стојчевска.

​Смета дека во овој парламентарен состав сите заедно треба да го продолжат патот кон целосна интеграција во Европската Унија бидејќи, како што рече, тоа е нашиот единствен пат и за тоа како да се заштитиме од какви било влијанија и да можеме понатаму да зборуваме за иднина за нашите поколенија, но и за нас.

– Мене ми е жал што денес овој состанок, кој треба навистина да ни биде во насока на предлози како да постапиме понатаму, ние имаме политички ставови наместо државнички, како што покажува делегацијата што е таму. Односно, дека сме единствени, дека треба да разговараме и да продолжиме понатаму, но и дека треба да ги направиме сите препораки, да дискутираме, да седнуваме на маса наместо да имаме навреди кон пратениците што ги носат тие закони, деградирање на институцијата пратеник, деградирање на дијалогот во Собранието, кој треба да биде столб на демократијата – додаде Костадиновска-Стојчевска.

Според неа, улогата на опозицијата денес и секогаш кога Социјалдемократскиот сојуз е во опозиција, но и кога е на власт, е со единствен став дека треба да направат сè да станеме полноправни членки на Европската Унија.

– Направивме сѐ кога бевме на власт за нашиот идентитет, јазик, култура, нашето постоење да не биде загрозено, без разлика на тоа дали некој сака да го признае или не. Улогата на денешната опозиција останува на фактот дека ќе направиме сѐ да се донесат реформски закони, подобри закони, да се донесат закони што ќе му служат на граѓанинот, а не само на одредена политичка елита – истакна Костадиновска-Стојчевска. 

Пратеникот Илир Демири од Европскиот фронт побара од евроамбасадорот Рокас да се внимава кој ги финансира медиумите и да се направи извештај колку Европската Унија има инвестирано во Република Северна Македонија.

– Нема сомнеж дека албанското население во Македонија е проевропско, но нема сомнеж и дека македонското население е проевропско, но наративите што одредени медиуми ги нудат за македонското население го ставаат во сомнеж. Затоа го барам овој извештај сега за да сум потранспарентен за јавноста и сите граѓани – рече Демири. 

Амбасадорот на Европската Унија во земјата, Рокас му посочи дека ќе биде подготвен таков извештај и оти Европската Унија инвестира во земјата откога стана кандидатка за пристапување преку механизмите ИПА 1, ИПА 2, ИПА 3, „Еразмус плус“ и други програми со речиси милијарда евра.

Ad
Ad