Вести
Сиљановска-Давкова и Мурму на откривањето на бистата на Ганди: Во време на конфликти и поделби, Гандиевата верба во дијалог и соживот останува и понатаму важна
Во Музејот на град Скопје денеска е откриена спомен-биста на Махатма Ганди. Откривањето на споменикот на овој духовен водач на индиската борба за независност претставува траен симбол на вредностите што ги обединуваат народите и поттик за натамошно зајакнување на пријателството меѓу Македонија и Индија. Бистата ја открија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и нејзината индиска колешка Друпади Мурму, како и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
– Махатма Ганди ѝ припаѓаше на Индија, но неговата порака му припаѓа на целото човештво. Неговиот живот покажува дека вистината и ненасилството не се знаци на слабост, туку моќни инструменти за обезбедување правда, слобода и достоинство. Во време во кое денеска се соочуваме со конфликти, нетолеранција и поделба, Гандиевата верба во дијалог, сочувство и мирен соживот останува и понатаму важна – нагласи индиската претседателка.
Таа изрази надеж дека оваа спомен-биста ќе ја отслика пораката на Ганди и ќе ги инспирира младите да одбијат омраза, да ги решат разликите на мирен начин и да му служат на општеството со храброст и емпатија.
– Оваа биста претставува долготраен симбол на пријателството меѓу Индија и Македонија и на нашата заедничка обврска за мир, толеранција и хуманост. Сигурна сум дека нашите културни и човечки врски ќе продолжат да се продлабочуваат во годините што следуваат. Во името на народот на Индија им ја изразувам мојата искрена благодарност на сите што ја овозможија оваа посета. Овој споменик нека ги зајакне врските на разбирање и соработка меѓу нашите народи и нека ги одржи во живот идеалите што Махатма Ганди ги постави – рече Мурму.
Сиљановска-Давкова, од своја страна, посочи дека е речиси невозможно да се резимираат животот на Ганди и неговиот огромен придонес за Индија и за светот во само неколку зборови.
- Махатма Ганди – апостолот на ненасилството, на разбудената надеж за ненасилна борба за слобода, правда и човечко достоинство, како икона на антиколонијализмот, еманципацијата, граѓанските и политички права и движењата за нив и еднаквоста меѓу мажите и жените, Ганди стана инспирација за Мартин Лутер Кинг, Нелсон Мандела, Вацлав Хавел, Лех Валенса и многу други светски лидери – рече таа.
Претседателката посочи дека веројатно најважното наследство што го остави Ганди е идејата за ненасилно самоопределување како право на луѓето да одлучат за нивната судбина и иднина, но исто така и слобода, да си ги организираат животите во согласност со нивната сопствена волја.
– Оваа желба за слобода е вековен идеал на индискиот, но и на македонскиот народ. Може да се каже дека на 8 септември 1991 година, пред 35 години, слично на Гандиевиот принцип за ненасилно самоопределување, македонските граѓани и нивните избрани претставници, мирно, ненасилно ја доведоа нашата земја во независност надвор од југословенската федерација, која во тој момент насилно се распаѓаше – потенцира таа.
Сиљановска-Давкова потсети дека во 1948 година, годината кога таткото на модерна Индија го напушти овој свет, почна мисијата на мајката на милосрдието во Колката.
– Мајка Тереза е родена и израсната на само неколку стотини метри од тука, во микрокосмос на религиски, етнички и јазичен плурализам меѓу христијани, муслимани и Евреи. Тука, во нејзиното родно Скопје, научи како да ги почитува разликите и така се подготви за плурална, мултикултурна Индија. Тоа е уште една сличност помеѓу овие две големи души. Мисијата на Мајка Тереза ја следеше визијата на Ганди за Индија, заснована на ненасилство, религиски плурализам и социјална правда. Затоа нема посоодветно место од нејзиниот роден град да се удоми бистата на таткото на модерна Индија – заклучи претседателката.
Градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека со откривањето на оваа биста оддаваме почит на човек чие име стана симбол на мирот, ненасилството, слободата и моралната храброст.
- Со поставувањето на бистата на Махатма Ганди, Скопје добива траен потсетник дека најголемите промени во светот почнуваат со почит кон човекот, со силата на вистината и со вербата дека дијалогот секогаш е посилен од поделбите. Овој чин има особено силна симболика токму овде во Скопје, градот во кој е родена света Мајка Тереза. Иако Махатма Ганди и Мајка Тереза својата мисија ја остварувале на разни начини, нивните животи ги поврзува една универзална порака: дека човечноста, љубовта, сочувството и несебичната грижа за другиот се најголемата сила што човекот ја поседува. Нивното наследство продолжува да инспирира милиони луѓе во светот и денес – рече тој.
Ѓорѓиевски потсети дека Скопје е град што ја знае вредноста на солидарноста. – Град кој по големата трагедија во 1963 година ја почувствува подадената рака од целиот свет и токму затоа длабоко ја разбира важноста на меѓусебната поддршка, почитта, пријателството меѓу народите. Затоа ова спомен-обележје природно станува дел од нашиот јавен простор како траен симбол на вредностите што нè обединуваат, а не на оние што нè разделуваат, посочи скопскиот градоначалник.
По церемонијата во Музејот на град Скопје, претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму се упатија кон Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и манастири и цркви во стариот град на Охрид.
Вчера, на првиот ден од посетата на индиската претседателката, заедно со владината и бизнис-делегацијата, на средбата во Вила „Водно“ со Сиљановска-Давкова, ги потврдија пријателските односи, заедничките вредности и заемната почит меѓу Македонија и Индија. Вчера попладне се одржа и македонско-индиски бизнис-форум, на кој беа претставени можностите за инвестирање во земјата.
Ова е прва посета на индиски претседател на државата.
јули 22, 2026

