Фудбал
Првиот човек на шпанскиот фудбал ја обвини ФИФА за комерцијализација на СП 2026
Остри критики на адреса на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) изнесе претседателот на шпанската фудбалска лига (Ла Лига), Хавиер Тебас, обвинувајќи ги нејзините челници дека донесуваат одлуки во лични интереси, а не во интерес на фудбалот.
По враќањето од Њујорк, каде што го следеше финалето на Светското првенство во кое Шпанија ја освои титулата, Тебас во интервју за италијанскиот весник „Ла Газета дело Спорт“ истакна дека многу од одлуките на ФИФА за време на мундијалскиот турнир биле мотивирани од комерцијални причини.
„ФИФА ги организира работите како што смета за соодветно, за свои интереси, а не за фудбалот. Паузите за хидратација беа фарса. Во Ла Лига, ги имаме само кога температурите се навистина високи. Стадионите во Далас, Лос Анџелес и Атланта имаа вклучено климатизација и морав да носам џемпер. Тоа беше рекламна пауза“, рече Тебас.
Тој особено го критикуваше случајот со американскиот репрезентативец Фоларин Балогун, опишувајќи го како „исклучително сериозен“.
„Имаа среќа што Белгија ги елиминираше САД, бидејќи во спротивно ќе имаше скандал што можеше да го чини Џани Инфантино неговата работа. Вака целиот случај е ставен под тепих, а ова е само врвот на ледениот брег“, рече претседателот на Ла Лига.
Тебас верува дека ФИФА ги занемарува интересите на националните првенства и повторно предупреди за преоптоварувањето на фудбалскиот календар.
„Со години предупредуваме за проблемот со згуснатиот календар, а сега сакаат да организираат Светско првенство со 64 репрезентации. Тоа е бесмислено“, порача Тебас.


