Економија
Ристески: До денес пристигнати апликации од 1373 компании за вработување на над 1700 лица
Во Мултикултурниот центар во Кочани денеска се одржа информативен ден за активните мерки од Оперативниот план за вработување за 2026 година и јавниот повик од мерката „Вработување и раст на правни субјекти“.
Пред претставници на бизнис секторот од Кочани и регионот, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески ги презентираше позитивните ефекти кои произлегуваат од оваа мерка.
– Со мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ е предвидена поддршка во креирање на нови работни места во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации. Со истата даваме финансиска поддршка за вработување на лица, каде една компанија може да аплицира за субвенции за најмногу 5 нови вработувања, а висината на поддршката варира согласно категоријата на лица и таа изнесува од 160.000 до 250.000 денари по лице, или вкупно од 800.000 до 1.250.000 денари за пет лица. До денес до центрите на Агенцијата за вработување се пристигнати апликации од 1373 компании за вработување на повеќе од 1.700 лица – кажа заменик-министерот Ристески.
На презентацијата, раководителот на Центарот за вработување во Кочани, Александра Коцева, соопшти дека до вчера, 20 јули, 88 фирми аплицирале за субвенционирани вработувања. Истата мерка, минатата година од бизнис секторот била искористена во 69 наврати, односно во 2025 година во кочанскиот центар за вработувања биле склучени толкав број на договори за субвенционирани вработувања.
Градоначалникот на Кочани Владко Грозданов, во своето воведно излагање пред присутните ги повика сите заинтересирани компании да аплицираат и да ги искористат бенефитите кои Владата и Министерството за економија и труд ја нудат со оваа мерка.
Сите правни лица заинтересирани можат да добијат детални информации за мерката во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија, контакт центарот 02-3111-850 и веб-страната (https://av.gov.mk/).
Јавниот повик за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ трае до 24 јули (петок) 2026 година.
јули 22, 2026

