Connect with us

Вести

Се тестирал притисокот на вода: Две пумпи, 22 дена, внесувале фекални бактерии во Гостиварскиот водовод

Обвинителството тврди дека со нивни наредби загадена вода со колиформни бактерии завршила во системот за водоснабдување. Осомничените се Артана Асани, Леон Нуредини и Вадедин Дервиши.

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка против в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот на водоводот Вадедин Дервиши, поради сомнение дека ја загадиле водата за пиење во градскиот водовод, поради што илјадници жители на Гостивар со денови не смеат да ја користат водата што тече од чешмите, иако редовно ја плаќаат.

Тројцата се осомничени за тешки дела против животната средина и природата, односно за загадување на вода за пиење.

Според Обвинителството, на 25 јуни тие им дале наредба на вработени во јавното претпријатие да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода, во близина на преливната комора на системот за водоснабдување, за да го тестираат притисокот на водата.

При увидот што бил извршен на 16 јули, обвинителот утврдил дека две од пумпите сè уште работеле и преку црева ја пренесувале водата од отворениот канал директно во комората со вода за пиење. Со тоа, според истрагата, дошло до мешање на загадената вода со водата од градскиот водовод.

Анализите што по наредба на јавен обвинител ги извршил Институтот за јавно здравје покажале исклучително високо присуство на колиформни бактерии во водата од каналот – 2.419,6 cfu/100 ml, иако максимално дозволената вредност е 50 cfu/100 ml.

Загадување било утврдено и во примероците од водата за пиење, каде биле регистрирани 39 cfu/100 ml колиформни бактерии, иако според прописите нивното присуство треба да биде нула.

Дополнително, во примерок земен од чешма на улицата „ЈНА“ било утврдено и значително зголемено присуство на хлор – 1,1 милиграм на литар, што е повеќе од двојно над максимално дозволената вредност.

„Поради високата загаденост, водата станала неупотреблива и не е безбедна за употреба и консумација од страна на луѓето“, наведуваат од Основното јавно обвинителство Гостивар.

Токму поради ова загадување, Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство препорачаа водата од градскиот водовод во Гостивар да не се користи за пиење, подготовка на храна, миење овошје и зеленчук, одржување лична хигиена, како и за други намени, сè додека не се потврди дека е безбедна.

Обвинителството оценува дека постои основано сомнение оти стореното кривично дело предизвикало последици кои не можат лесно да се отстранат и најавува дека истрагата продолжува.

Во текот на денот, Министерството за внатрешни работи ги лиши од слобода Артана Асани, Леон Нуредини и Вадедин Дервиши, а обвинителот во текот на утрешниот ден ќе одлучи какви мерки за обезбедување ќе побара од судот.

Ad
Ad