Connect with us

Вести

АХВ превентивно ја забрани водата од гостиварскиот водовод за употреба

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека истата е загадена и небезбедна за употреба. По вчерашниот надзор е утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдувачки систем. 

– За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ издаде времена забрана за употреба на водата за пиење се до добивање на резултатите од лабораториското тестирање со кое ќе се потврди нејзината безбедност, наведуваат од АХВ.

Од ЈКП „Комуналец“, пак, наведуваат дека водата за пиење од гостиварскиот водовод е безбедна, и при тоа се повикуваат на резултатите од последните анализи. Првиот човек на претпријатието, Арта Асани во изјава за МИА вели дека вчера се направени вонредни контроли, одговорните зеле мостри од водата и оти се чека на резултатите.

– Се шират разни пропаганди кои со право ги вознемирија граѓаните. Ги уверуваме граѓаните дека ЈКП во континуитет и редовно прави анализи на водата за пиење. Последните три анализи, направени во текот на овој месец покажаа дека водата е безбедна за пиење и во согласност со законските правила и стандарди за вода за пиење. Сега ги чекаме и останатите резултати по што ќе излеземе со официјално соопштение доколку има некаков проблем со водата за пиење, вели Асани.

Таа потенцира дека вработените во ЈКП постојано го мониторираат теренот и дека состојбата е редовна, а првичните резултати од вонредни контроли не укажуваат на загадување.

Од управата на гостиварската општа болница потврдија дека изминативе денови за медицинска помош заради стомачни тегови се јавиле над илјада граѓани.

– Пациентите имале повраќање, дијареја, болки во стомакот, покачена телесна температура, омалаксаност и други гастроинтестинални симптоми. Најголем број пациенти со овие симптоми се евидентирани на Одделението за инфектологија, Одделението за педијатрија и во Ургентниот центар, наведуваа од општа болница „Д-р Ферид Мурад“.

Според нивната евиденција изминативе денови се прегледани околу 1.200 пациенти, но ниту еден не задржан на лекување.

Случајот со водата за пиење од градскиот водовод стана актуелен откако деновиве беше регистриран зголемен број на граѓани кои побарале медицинска помош поради стомачни тегоби.

По дадени насоки јавен обвинител, полициски инспектори од СВР Тетово, вчера направиле проверки во близина на извориштето на Вардар село Вруток, по пријава и искажан сомнеж во системот за водоснабдување била внесувана вода.

Портпарлот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи потврди дека по наредба на јавен обвинител се преземаат за целосно расчистување на случајот.

– Поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик во расчистувањето на овој случај вклучена е и полицијата, изјави Реџепи.

Во јавноста беа изнесени фотографии и видеа на кои се гледа дека со помош на три пумпи од канал се внесува вода во главниот цевковод кој ги снабдува корисниците со вода за пиење.

Од гостиварскиот центар за јавно здравје, утрово изјавија дека претходните анализи, земени понеделникот покажале дека водата во водоводот е здрава и употреблива за користење.

Ad
Ad