Регион
Министерство за финансии на Грција: Од 2019 година до сега намалени 83 даноци

Со новите даноци што се намалуваат од 1 јануари 2026 година, како што беше соопштено од Меѓународниот саем во Солун, Владата од почетокот на својот мандат во 2019 година намали вкупно 83 даноци и придонеси, информираа од Министерството за финансии и економија ја Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Од овие 83 намалувања, 25 се однесуваат на индиректно оданочување, а меѓу нив е намалувањето на стапката на ДДВ од 24 на 13 отсто, за градски, приградски и копнен железнички превоз како и намалувањето на ДДВ за бебешки производи.
Дополнително од надлежното Министерство потсетија дека меѓу новите мерки што ќе стапат на сила на почетокот на 2026 година се и: намалување стапката на данок на доход за вработени, пензионери, земјоделци и хонорарци, со акцент на семејствата со деца и средната класа; воведување на нова меѓустапка од 25 отсто на данокот на приход од изнајмување недвижнини; намалување на стапката на ДДВ за 30 отсто на островите во северниот дел на Егејското море и Додеканезите и во префектурата Еврос со население до 20.000 жители итн.
Согласно податоците од Министерството, најголем број од намалените даноци биле воведени во 2020 година.
септември 13, 2025