Регион
Бегај го декретира Рама за премиер, вклучувајќи го и членот за министерка креирана со вештачка интелигенција

Албанскиот претседател Бајрам Бегај, му ја врачи уредбата, со која го декретираше лидерот на социјалистите, Еди Рама, за премиер на новата влада, на чие чело ќе биде по четвртипат, од 2013 година.
Во указот потпишан од Бегај се издвојува интересен детаљ, бидејќи во член 2 пишува: „Премиерот, исто така, ја извршува одговорноста за воспоставување и функционирање на министерката за вештачка интелигенција, Диела“.
„Денеска на г-дин Еди Рама му ја врачив уредбата за назначување за нов премиер на Албанија, по добиениот предлог од Социјалистичката партија, која го освои мнозинството во Собранието, на изборите на 11 мај. Следниот чекор им припаѓа на министрите. Успех, напиша Бегај во објава на Фејсбук.
По мандатот за премиер, Рама мора или самиот да се врати во претседателската палата или да ги испрати по пошта, за потпишување, уредбите за новите министри. По приемот на овие уредби, претседателот ќе одвои време да ја потврди чистотата на профилот на предложените министри.
По верификацијата, уредбите мора да бидат потпишани од Бегај и доколку нема забелешки, тие се испраќаат до Парламентот. Следната недела треба да се гласа за новиот владин кабинет чии членови потоа ќе положат заклетва пред шефот на државата, во согласност со Уставот.
Вчера на седница на партиското Националното собрание, Рама, го соопшти новиот состав на 17-члениот владин кабинет „Рама 4“, во кој за првпат на чело на полицијата ќе биде жена, Албана Кочиу, досегашна министерка за здравство а за првпат во земјата, што е и во светот, има министерка креирана со вештачка интелигенција-Диела.
септември 13, 2025