Свет
Генерал Бројер: Германија ќе го брани „секоја педа“ од територијата на НАТО

Началникот на Генералштабот на германската армија, генерал Карстен Бројер денеска повтори дека Германија е одлучна да ги брани своите сојузници од источното крило на НАТО.
– Неодамнешното нарушување на полскиот воздушен простор од страна на Русија уште еднаш покажа колку е важно нашето вклучување. Нашиот придонес во одбраната на источното крило на НАТО е сигурен – ние сме подготвени да ја браниме секоја педа од територијата на Алијансата, изјави генерал Бројер за време на посетата на голема воена вежба во Литванија
Германската Влада вчера соопшти дека Бундесверот ќе го прошири воздушниот надзор над Полска како дел од европските напори за зајакнување на безбедноста на источното крило на НАТО. Одлуката уследи откако руски дронови на 10 септември го нарушија полскиот воздушен простор, а полската армија со поддршка од НАТО собори најмалку 19 беспилотни летала.
Бројер нагласи дека тековните вежби „Квадрига 2025“, предводени од Германија, во Балтичко Море вклучуваат реални сценарија за логистичка поддршка на трупите во потенцијален конфликт.
„Квадрига 2025“ почна на 4 септември, при што учествуваат 14 земји-членки на НАТО, во чиј фокус е преместување на трупи и опрема од Германија во Литванија. Воената вежба ја предводи германската морнарица, а учествуваат повеќе од 8.000 војници од 14 држави, меѓу кои САД, Велика Британија, Канада и сите земји-членки на НАТО кои имаат излез на Балтичко Море.
Германската армија соопшти дека за воената вежба ангажирани се 40 бродови, 20 авиони и повеќе од 1.800 возила. Воената вежба ќе трае неколку недели.
Белорусија и Русија денеска почнаа заедничка воена вежба „Запад 2025“, што се одвива на полигони во двете земји, како и во Балтичко и Баренцово Море.
септември 13, 2025