Connect with us

Свет

Германија мора да го удвои бројот на војници во Бундесверот

Ројтерс

Германската војска треба да додаде 100.000 активни војници на постојните 62.000 за да ги исполни новите цели на НАТО насочени кон зголемување на подготвеноста во услови на она што го смета за „растечка закана од руска агресија“, изјави нејзиниот командант во доверлив документ до кој увид вчера имаше Ројтерс.

„Императив е армијата да стане доволно подготвена за војна до 2029 година и да ги обезбеди можностите што Германија ги вети (на НАТО) до 2035 година“, напиша началникот на армијата Алфонс Мајс во писмори од 2 септември до началникот на Генералштабот за одбрана Карстен Бројер.

Тој рече дека постигнувањето на овие цели е невозможно со сегашните одобрени нивоа на овластен персонал, кои вклучуваат и 37.000 неактивни војници.

Германија веќе почна да ги зголемува своите обврски кон сојузниците во Источна Европа, не само со воспоставување германска бригада во Литванија, која ќе брои околу 5.000 војници, и со распоредување поморски патроли во Балтикот за борба против подводната саботажа.

Маис повика на зголемување на бројот на активни војници за околу 45.000 до 2029 година – годината кога Алијансата, предводена од САД, изјави дека очекува Русија да биде способна за напад од големи размери врз западните сојузници.

Москва постојано негира каква било намера да започне војна против НАТО или неговите членки.

Меѓутоа, за да се исполнат целите на НАТО, договорени на самитот во јуни, и да се создадат резерви за војна како онаа што Русија ја води во Украина, Маис ја предвиде потребата од дополнителни 45.000 активни војници до 2035 година.

Тој, исто така, повика на околу 10.000 дополнителни војници за зајакнување на територијалната одбрана.

Портпаролот на Министерството за одбрана во Берлин одби да коментира за документот, наведувајќи ја неговата доверлива природа.

Тој рече дека НАТО ги прилагодил своите цели за капацитет како одговор на „значително зголемените закани“ по руската инвазија на Украина во 2022 година.

„Според првата груба проценка, ќе бидат потребни вкупно околу 460.000 лица (од Германија), поделени на околу 260.000 активни војници и околу 200.000 резервисти.“

Во јуни, министерот за одбрана Борис Писториус објави дека на Германија ќе ѝ бидат потребни до 60.000 дополнителни лица на активна должност во сите воени гранки за да ги исполни новите цели на НАТО, со што идната сила на германските вооружени сили, Бундесверот, ќе достигне околу 260.000.

Меѓутоа, тие сè уште не ја достигнаа целта од 203.000 војници поставена во 2018 година, а според министерството, сè уште им недостасуваат околу 20.000 редовни членови.