Connect with us

Свет

Силен дожд ги поплави улиците во Токио, хаос во транспортот

Поројни дождови денеска предизвикаа поплави на дел од улиците во Токио и сериозни нарушувања во железничкиот сообраќај.

Според Јапонската метеоролошка агенција, за само еден час во главниот град наврнале 12 сантиметри дожд.

Бура, проследена со грмотевици, го парализираше контролниот систем за воздушен сообраќај и други услуги на аеродромот „Ханеда“, а полетувањата беа стопирани. Во прекин е и железничкиот сообраќај, вклучувајќи го возот-стрела и други линии во регионот.

Поплавите зафатија делови од градот, а граѓани преку социјалните мрежи пријавија и град. Над 7.000 домаќинства останаа без електрична енергија, соопшти Токиската електрична компанија.

Властите предупредија на ново невреме во текот на ноќта и ги повикаа жителите да останат во домовите, да избегнуваат непотребни патувања и редовно да ја следат временската прогноза.