Свет
ОРФ соопшти дека Украина задржала нејзин телевизиски снимател без објаснување

Снимател на Австриското радио и телевизија (ОРФ), кој е украински државјанин, е задржан во Украина веќе пет дена, без да му бидат наведени причини, соопшти ОРФ.
Според веб-страницата на ОРФ, полицијата го запрела за време на сообраќајна контрола додека патувал за да снима во регионот на Тернопол по налог на дописникот на ОРФ во Украина. Потоа, воен претставник го предал на властите во Тернопол.
– Бараме од украинските власти итно ослободување на снимателот на ОРФ и објаснување зошто е задржан. Тој има 53 години, а во 2022 година бил доброволец во војната и бил ранет додека ја бранел Украина, соопшти уредничкиот совет на ОРФ.
ОРФ нагласува дека „Украина сака да се приклучи на ЕУ и затоа е должна да ги почитува европските стандарди во врска со личната безбедност и слободата на медиумите“.
Како одговор на барањето на Австриската новинска агенција АПА, Министерството за надворешни работи на Австрија соопшти дека амбасадата во Киев презела акција веднаш по апсењето и побарала од украинското Министерство за надворешни работи да ги разјасни околностите.
– Австрија инсистира на почитување на правниот поредок. Бидејќи се работи за украински државјанин, можностите за поддршка од страна на амбасадата се многу ограничени, изјавија од Министерството за надворешни работи, додава ОРФ
септември 12, 2025