Сцена
Кејт Хадсон и Хавиер Бардем во страстен бакнеж среде Њујорк
Американската глумица Кејт Хадсон и нејзиниот шпански колега, „оскаровецот“ Хавиер Бардем, на 23 јуни ги снимија првите сцени од новата љубовна комедија во Њујорк.
Се работи за филмот „Здраво и Париз (Hello & Paris)“, чиешто снимање допрва почнува. Според описот објавен од „Варајети (Variety)“, приказната е за самовработен архитект (Бардем) и успешен романописец во креативна криза (Хадсон), кои по незгодната прва средба во француската престолнина, почнуваат да разменуваат книги, но и искуства преку океанот… Како што односите се развиваат, тие откриваат дека изборот да не бидат сами можеби може да биде потежок од самата осаменост.
Актерите беа забележани на снимањето тоа попладне, додека екипата работеше на сцените за филмот. Притоа, двојката е снимена како споделува страстен бакнеж, а видеата и фотографиите од тој миг веќе го преплавија интернетот.
Филмот „Здраво и Париз“ е напишан и режиран од Елизабет Чомко и е делумно инспириран од популарниот роман „Тој дел беше вистина“ од Дебора Мекинли.
Покрај Кејт Хадсон и Хавиер Бардем, во овој филм глумат и Стив Зен, Фил Данстер, Џема Чен, Бела Мекклин, Маријан Жан-Батист итн. Нема податоци за датумот на прикажување на филмот.


