Connect with us

Сцена

Мајката на детето-ѕвезда Давеј Чејс, која почина неодамна: Ќерка ми стана зависна од лекови и западна во лошо друштво

Мајката на неодамна починатата американска глумица Давеј Чејс, која стекна светска слава со улогата на морничавата Самара во култниот хорор-филм „Прстен (The Ring)“ од 2002 година, првпат јавно проговори за смртта на ќерка сѝ и нејзината долгогодишна борба со зависноста. Кети Чејс, имено, за „Дејли мејл (Daily Mail)“ раскажа дека првично не верувала во известувањата во медиумите.

– На почетокот мислев дека се лажни вести. Сепак, кога реномирани медиуми почнаа да го објавуваат нејзиното име, сфатив дека е вистина, рече Кети.

Давеј Чејс почина на 35-годишна возраст, а веста за смртта беше потврдена на 17 јуни. Момчето на починатата глумица, Рој Хернандез рече дека таа се соочила со поголеми лични тешкотии во својот живот по напуштањето на глумата во 2016., вклучувајќи го и болното отуѓување од семејството и постојаната станбена нестабилност во Лос Анџелес. Мајка ѝ сега открива дека не ја видела својата ќерка од 2019 година. Вели и дека со години пребарувала по социјалните мрежи, надевајќи се дека ќе најде какви било информации.

– Повторно проверив за какви било нови информации неколку часа пред да се објави веста (за смртта). Кога ја дознав вистината, бев целосно скршена, изјави Кети.

Според неа, проблемите почнале пред околу 10 години, кога Давеј имала сообраќајна несреќа со мотоцикл. Таа користела лекови против болки за повреда на грбот, пренесува „Ентертејнмент викли (Entertainment Weekly)”, и тогаш, според мајка ѝ, почнала нејзината борба со зависноста.

– После тоа, таа почнала да бара дрога и да се дружи со погрешни луѓе, вели Кети, додавајќи дека глумицата некое време живеела без постојан дом.

Во меѓувреме, Хернандез почна кампања за собирање парична помош, посочувајќи дека Давеј страда од менингитис и неколку сериозни болести на крвта и оти нејзиното здравје бргу се влошило. Поранешниот менаџер и долгогодишен пријател на Давеј, Џон Рајан, напротив, повикувал јавноста да не донира пари преку кампањата.

Кети го идентификуваше телото на нејзината ќерка на 18 јуни, што за неа било исклучително емотивен момент.

– Можевме да ги ставиме рацете на стаклото и да се помолиме за неа. Тоа беше најмногу што можев да ѝ се доближам. И покрај сè, тоа беше посебен миг и се чувствувам благословена што можев да го споделам тоа со мојата ќерка, вели Кети.

Кети Чејс, која е медицинска сестра, последен пат ја видела својата ќерка во октомври 2019., при едно нејзино пуштање од затвор.

– Отидов да ја земам ден подоцна. Не знаев дека излегла порано и никогаш нема да си простам за тоа. Откако излезе, таа се врати „на улица“… Тешко ми е кога луѓето велат дека сум била лоша мајка. Никогаш не се откажав од мојата ќерка. Како мајка, не можеш едноставно да се откажеш од своето дете. Секогаш верував дека еден ден ќе се врати дома, се присетува Кети.

Оттогаш не биле во контакт, но мајката никогаш не ја изгубила надежта. Тврди дека со години се обидувала да најде помош за Давеј, но „не можеш да присилиш некого да се лекува ако не сака“, се вели. 

Ad
Ad