Општини
„Пикник у Пелинце 2026“ викендов со богата програма за сите генерации
Шестото издание на фестивалот „Пикник у Пелинце“ годинава ќе се одржи на 20 и 21 јуни во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце. Организаторите денеска најавија музичка програма на две сцени, настап на британскиот диџеј и продуцент James Zabiela, како и бројни семејни, едукативни и рекреативни содржини. Кумановци и посетителите од земјава и Балканот и оваа година ќе уживаат во еден од најпосетените летни настани во североисточниот регион.
Организаторот Јордан Алексиевски денеска информираше дека фестивалот и годинава ќе понуди музичка програма на две сцени, а како главен изведувач ќе настапи британскиот диџеј и продуцент James Zabiela, заедно со повеќе домашни и регионални артисти. Според него, фестивалот традиционално привлекува меѓу 2.000 и 4.000 посетители од државата и соседните земји.
Покрај музичката програма, посетителите ќе имаат можност да уживаат во друштвени игри, спортски активности, коктел барови и гастрономска понуда. Посебен сегмент од програмата е наменет за најмладите преку „Kids Zone“, која ќе се реализира во соработка со општествено-одговорни компании. Во рамки на детската зона се предвидени едукативни, креативни и сензорни работилници, интерактивни игри и активности насочени кон поттикнување на учењето, дружењето и развојот на креативноста. Фестивалот го организира здружението „Мјузик Конектинг Пипл“ од Куманово, со поддршка од Општина Куманово како дел од активностите за развој на културата, туризмот и младинските содржини во регионот.
јуни 19, 2026

