Connect with us

Вести

И специјалисти од „Жан Митрев“ и „Ремедика“ ќе бидат ангажирани во јавното здравство

Министерот за здравство Азир Алиу денеска ги посети трите најголеми приватни здравствени установи во земјава – „Ремедика“, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“, со цел потпишување заеднички меморандум за соработка. Со овој меморандум се воспоставува рамка за соработка помеѓу Министерството за здравство и приватните здравствени установи, со што ќе се овозможи ангажирање здравствен кадар – специјалисти од приватниот сектор во јавните здравствени установи, во случаи на зголемени потреби, недостиг на кадар или други приоритетни здравствени барања, соопштија попладнево од ова министерство.

Законоското функционирање на сите здравствени установи, како јавни, така и приватни – е наш највисок императив. Целта е врвниот потенцијал на здравствениот систем да се стави на располагање на пациентите, преку мапирање и ставање на потребните ресурси во интерес на граѓаните, истакнал министерот.

Како што се појаснува, меморандумот предвидува Министерството тековно да ги идентификува јавните здравствени установи со потреба од дополнителен кадар, да обезбеди административна и правна поддршка, како и да ја координира соработката.

Од друга страна, приватните здравствени установи се обврзуваат да обезбедат квалификуван здравствен кадар кој ќе биде ангажиран под јасно утврдени услови и во согласност со етичките и професионалните стандарди, се истакнува во соопштението.

Со овој чекор, се нагласува дека Министерството за здравство го унапредува партнерството со сите здравствени капацитети во државата, со крајна цел – подобрување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за пациентите.