Connect with us

Вести

Kонститутивна седница на Советот за следење на реформите во правосудството

Советот за следење на реформите во правосудството кој има мандат да ја следи имплементацијата на Развојната секторска стратегија за правосудството (2024-2028) со Акциски план и Реформската агенда 2024-2027 во делот 5 Фундаментални вредности/Владеење на правото, денеска ја одржа конститутивната седница, соопшти Министерството за правда.

Министерот за правда Игор Филков кој претседаваше со седницата рече дека со формирањето на единствен Совет за следење на реформите во правосудството кој го обединува следењето на двата најзначајни документи, ќе се овозможи координативен, ефективен и ефикасен начин на следење.

– Ќе се постапи по препорака од претходен ревизорски извештај и ќе се избегне формирање на паралелни совети со состав од претставници од исти органи, што непотребно би довело до зголемени трошоци, извештаи со различни податоци и трошење на ресурсите и непочитување на начелото на економичност во постапувањето на институциите, потенцира министерот Филков.

Советот ќе овозможи координиран пристап до преземените мерки и активности во насока на напредокот на државата, ќе обезбеди усогласеност и континуитет на реформите во правосудството и ќе претставува тело кое ќе обезбеди транспарентност, континуитет и отчетност во процесот на спроведување на реформите. Ќе има задача да ја следи имплементацијата на реформите, да алармира кога институциите не ги постигнуваат очекуваните резултати и да дава стручни мислења преку своите членови – експерти од правосудството, академијата и граѓанскиот сектор.

Членови на Советот се високи претставници на Владата, правосудните институции, граѓанскиот сектор и докажани експерти, се наведува во соопштението од Министерството за правда.