Регион
Кос: Го осудуваме насилството во Србија и повикуваме на намалување на тензиите

Комисијата веќе со месеци многу внимателно и со зголемена загриженост ја следи ситуацијата во Србија, изјави вечерва еврокомесарката за проширување Марта Кос во дебата во Европскиот парламент посветена на „бранот насилство и континуирана употреба на сила против демонстрантите во Србија“.
– По 10 месеци протести, српското општество се соочува со длабоки поделби, чувство на омраза и фрустрација, а сето ова се одразува на улиците на српските градови. Очекуваме полициската акција да биде соодветна и да се почитуваат основните права. Ги осудуваме сите акти на омраза, вандализам и насилство и продолжуваме да ги повикуваме сите страни да ги намалат тензиите и да ги почитуваат основните права и вредности, вклучително и слободата на мирно собирање, истакна Кос.
Таа повика и на избегнување на секаков вид насилство врз претставници на властите и нивните семејства, како и на користењето на нападите врз просториите на владејачката партија како средство за политички протест.
– Комисијата постојано ја нагласува важноста од почитување и проактивна одбрана на независноста на судските институции и го осудуваме насилството или заканите врз претставници на судството, вклучително и обвинителството, рече Кос.
Еврокомесарката потенцира дека слободата на медиумите е еден од основните темели на демократското општество и основно право во ЕУ и е клучен елемент и предуслов за процесот на пристапување на Србија во ЕУ.
– Во овој контекст, политичкото и економското влијание врз медиумите во Србија остануваат сериозна загриженост и треба да прекинат. Очекуваме Србија да создаде поволен амбиент за слободата на медиумите и да обезбеди слободата на изразување да може да се остварува без пречки. Апелираме за деескалација на тензиите и властите да дозволат поголем простор за новинарите слободно да ги изразат своите ставови, истакна Кос.
Таа повика да престанат физичките напади врз новинарите за време на протестите, вклучително и од страна на припадници на полицијата, како и вербалните напади врз нив од страна на високи државни функционери.
– Од клучно значење е новинарите да можат да ја вршат својата работа без каква било закана од насилство и заплашување и да имаат пристап до сите информации. Комисијата, исто така, нагласува дека ширењето на дезинформации и непријателската политичка реторика, вклучително и против ЕУ и нејзините претставници, е спротивно на вредностите и стандардите на Европската Унија, додаде еврокомесарката за проширување.
Кос потсети дека Србија е кандидат за членство ЕУ и таа како комесарка за проширување целосно е посветен на вистински демократска Србија членка на Унијата, па затоа Брисел ќе продолжи со конструктивен ангажман и ќе направи се што е можно за да и помогнеме на земјата да продолжи да напредува на пристапниот пат.
– Но, за да се случи тоа, потребни се конкретни чекори врз демократски принципи и реформи. Учеството на претседателот (Александар) Вучиќ на воените паради во Москва и во Пекинг, критички изјави кон ЕУ и почитуваните членови на Парламентот, како последниот случај кон членовите на делегацијата на Европската зелена партија, не е она што се очекува од земја кандидат, додаде Кос.
Според неа, Србија мора да покаже посветеноста на патот кон ЕУ и политичка волја за спроведување на суштинските реформи и надминување на моменталната стагнација на нивната имплементација.
– Време е да се постигнат конкретни резултати во борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото, вклучително и независноста на судството и слободата на медиумите, како и да се спроведат изборните реформи. Особено очекуваме Србија да создаде поволна клима за граѓанското општество. Независните гласови треба да бидат слушнати и заштитени. Заплашувањата и притисоците врз граѓанското општество не се начинот на кој работиме во Унијата и тие не смеат да бидат толерирани, рече Кос.
Таа нагласи дека овие чекори се клучни за напредок на Србија на нејзиниот европски пат и се императив за излез од сегашните политички состојби и поделби во српското општество.
– Историјата докажа дека демократските промени можат да дојдат само одвнатре во земјата, преку внатрешни демократски процеси и тоа е она што Комисијата го почитува и до што се придржува, рече Кос, додавајќи дека реформите би ја подобриле политичката клима и би можеле да покажат дека напредокот е можен ако постои волја и конструктивен пристап од страна на сите.
Според неа, императив за Србија претставува да се создаде услови за обновен дијалог меѓу засегнатите страни од целиот политички спектар и целото општество, бидејќи пристапувањето кон ЕУ е проект на општеството во целина и заедничка одговорност на сите политички партии и други засегнати страни.
– Ќе продолжиме да соработуваме со властите и сите засегнати страни, политичките актери и граѓанското општество, охрабрувајќи ги да најдат излез од сегашните политички состојби и да воспостават вистински инклузивен процес во корист на сите нејзини граѓани и целото српско општество на патот кон ЕУ и идното членство, заклучи Кос.
септември 10, 2025