Свет
ЕК предлага пристап „Отпорност 2.0“ за прилагодување на ЕУ на турбулентните времиња

Отпорноста не е само слоган, туку наша должност кон следната генерација и таа треба да обезбеди поголема способност на Европа да се прилагоди на промените, заштита на демократија и да и овозможи на ЕУ да биде стабилна и сигурна во еден променлив свет, изјави европскиот комесар за меѓугенерациска праведност, млади, култура и спорт Глен Микалеф при презентацијата на Извештајот за стратешки предвидувања на Европската комисија за 2025 година насловен „Отпорност 2.0“.
– Затоа предлагаме нов концепт на отпорност. „Отпорност 2.0“ значи да се биде проактивен, трансформативен и антиципативен. Станува збор за подготовка за непознатото, па дури и за незамисливото, нагласи Миклаеф.
Пристапот „Отпорност 2.0“ има за цел да и обезбеди на ЕУ да напредува во сегашните турбулентни времиња, да ги предвидува новите предизвици и да создава безбеден простор за граѓаните и бизнисите.
Според Комисијата, во услови на забрзување на климатските и еколошките транзиции, зголемување на безбедносните загрижености и преобликување на економиите и општествата од страна на глобалната конкуренција, Европа се соочува со прашања за нејзината стратешка автономија, конкурентност, социјална кохезија и заштита на демократијата и фундаменталните вредности.
Извештајот за 2025 година идентификува осум области во кои ЕУ може да ја зајакне својата отпорност и тоа градење глобална визија за Унијата како силен, стабилен и доверлив домашен и светски партнер, засилување на внатрешната и надворешната безбедност, зајакнување на долгорочната економска отпорност, обезбедување одржлива и инклузивна благосостојба, прилагодивање на образованието на технолошките и социјалните промени, заштита на демократијата, слободата на медиумите и социјалната кохезија и спротивставување на дезинформациите и предвидување на демографската трансформација.
– Земени заедно, овие области обезбедуваат рамка за да се обезбеди дека Европа е подготвена во наредните децении максимално да ги искористи новите можности, посочува Еврокомисијата во извештајот.
септември 10, 2025