Вести
Сиљановска-Давкова – Хаџиу: Унапредување на соработката во интерес на стабилноста и европската иднина на регионот
На маргините на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со Албулена Хаџиу, вршител на должноста претседателка на Република Косово.
На средбата обете изразија подготвеност за унапредување на македонско-косовските односи во интерес на стабилноста и европската иднина на регионот, јави известувачот на МИА од Софија.
Сиљановска-Давкова упати честитки за успешното спроведување на парламентарните избори во Косово.
Таа изрази поддршка на евро-атлантските аспирации на Косово и подготвеност за споделување на македонските искуства и експертиза.
Претседателката истакна дека ќе продолжиме да ја поддржуваме политиката на отворени врати на НАТО, како и аспирациите на Косово за членство во регионалните и меѓународните организации и иницијативи.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од успешната примена на едношалтерскиот систем на граничните премини Блаце и Јажинце.
Според неа, потребно е поголемо искористување на европските фондови за модернизација на граничната инфраструктура и отворање нови гранични премини.
Во однос на безбедносните прашања, Сиљановска-Давкова ја реафирмира поддршката на дијалогот Приштина - Белград со посредство на Европската Унија.
Според неа, ваквиот пристап и помирувањето претставуваат единствен одржлив пат кон стабилност, безбедност и соработка во Западен Балкан.
Обете се согласија дека македонско-косовската економска соработка бележи континуиран напредок, а Косово останува еден од нашите најзначајни трговски партнери.
јуни 11, 2026


