Connect with us

Вести

Со докази на одбраната и завршни зборови, продолжи судењето за опожарена куќа во село Капиново

Со докази на одбраната и завршни зборови, во судот во Велес, денеска продолжи судењето за опожарена куќа во село Капиново. 

За опожарената куќа во Капиново, тројца беа обвинети дека учествувале во кривично дело. Сашо Муневски и Даниел Димески како соизвршители на кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ од член 292, став еден во врска со член 288 став еден во врска со член 22 од Кривичниот законик, а обвинетиот Ѓоре Петровски за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, од член 292 став еден во врска со член 288 став еден, во врска со член 24 од Кривичниот законик, или умислено поттикнување на другите двајца, да го извршат делото. 

Претходно, обвинетиот Муневски изјави дека чувствува вина и дека се кае за стореното и се извини на оштетениот за запалената куќа во село Капиново. Тој беше правосилно осуден со казна затвор од седум години.

Другите двајца обвинети рекоа дека разбрале за што се обвинети, но, оти не се чувствуваат виновни. 

Јанаки Митровски, адвокат од Скопје, бранител на обвинетите Даниел и Ѓоре, предложи на главна расправа да се испита обвинетиот Даниел Димески. Даниел денеска изјави дека не знаел за која цел сега осудениот Муневски го повикал да влезе во куќата.

– Не. Целта ми беше да влезам во куќата и да земам два компјутера со криптовалути и биткоини, за да од нив после земам некоја сума за пари – рече тој. 

Беше прашан дали тој конкретно преземал дејствие за да го подметне пожарот. 

-Не. Бев изманипулиран. Сашо го подметна пожарот – одговори Димески.

Притоа сведочеше дека му викал на Сашо да не го подметнува пожарот, и оти самиот се обидел да го изгасне пожарот.

-Му реков дека дојдовме по компјутери, да одиме – додаде Димески. 

Но, како што рече, на Сашо му била дадена наредба и не го послушал. Нему му рекол да не се плаши, дека нема никој таму и дека претходно тој има влезено во таа куќа. 

Прашања за него имаше и обвинителката. 

– Кога ве сослушував, пред јавен обвинител на записник сте кажале – му реков на Сашо, што правиш?, а тој ми рече ќути, гледај си ја работата, и ми рече тргни се понастрана, ќе палам. На тоа јас му реков – подобро земи едно крпче запали, отколку вака. Тој не натопи крпче, туку директно со запалката ја запали течноста на падот, од што јас истрчав пет шест метри нанапред, поточно летнав бидејќи тоа беше експлозија како да е бомба? Дали е точно? – праша таа. 

Тој одговори дека може го кажал тоа во афектна состојба. Тој се пожали дека бил тепан и изморен. Рече дека побарал од Сашо чесна работа, како на пример, нешто во градежништво.

-Веќе кога влеговте таму во куќата, дали земавте нешто? – праша обвинителката. 

Тој одговори – да, три шишиња виски.

Во завршни зборови, обвинителката рече дека според доказите, смета дека надвор од секое разумно сомневање е докажано дека обвинетите ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар, со денеска делумно изменетиот обвинителен акт. Таа појасни дека нема да навлегува во споменувањето на други лица, од страна на веќе осудениот. Бидејќи, како што рече, тоа ќе биде предмет на понатамошна обработка од страна на Обвинителството. Предложи да бидат огласени за виновни Димески и Петровски и осудени според законот. 

– При одмерувањето на видот и висината на кривичната санкција, да се ценат сите околности под кои е сторено кривичното дело, последиците од него и личноста на обвинетите, имајќи ги притоа предвид, како отежнителните, така и олеснителните околности, пред се фактот дека Петровски и Димески се досега осудувани, нивната семејна материјална состојба, па да им се изречат соодветни кривични санкции со што ќе се постигне целта, како на специјален, така и на генерално превентивен план – подвлече обвинителката. 

Адвокатката на оштетените, Билјана Стојковска Палевска истакна оштетно побарување имајќи ја во предвид пазарната вредност на оштетениот имот прецизирана во вештиот наод и мислење и го замоли судот да го прифати. 

– Истовремено се приклучуваме кон кривичниот прогон и предлагаме при донесувањето на одлуката, во однос на видот, карактерот и висината на казната, судот да има во предвид дека свесно го извршиле делото, биле свесни за последиците – рече адвокатката. 

Бранителот на обвинетите, Јанаки Митровски, рече дека теоријата на случај на Обвинителството, е со недостатоци, нелогичности и условно речено, дупки во доказите и нивниот квалитет. 

-Обвинението се темели на исказ на видно инструиран, крајно некредибилен сведок, повеќекратен престапник кој отворено лажеше во овој суд, распрашан од моја страна – истакна Митровски. 

Рече, единствена прифатлива пресуда е ослободителна и побара прекин на притворот на Петровски и Димески.

Ad
Ad