Култура
Промовирана монографија „100 години црква Свети Јован Владимир во село Подгорци“
„100 години црква Свети Јован Владимир во село Подгорци (1924–2024)“ е насловена монографијата на отец Ристе Наумоски што беше промовирана во дворот на истоимената црква.
Монографијата, според авторот, претставува значаен придонес кон историографијата на Македонската православна црква и кон проучувањето на духовното и културното наследство на Струшкиот регион.
– Станува збор за илустрирана публикација од 100 страници, збогатена со околу 100 фотографии и 11 факсимили на оригинални архивски документи од дваесеттите години на минатиот век. Монографијата претставува вреден историски документ во кој е обработен целокупниот стогодишен живот на храмот „Св. Јован Владимир“ во Подгорци, како и неговото значење за духовниот и општествениот живот на селото, истакна Наумоски.
Целта, според него, е да ја зачува историската меморија на храмот и да остави трајно сведоштво за верата, пожртвуваноста и љубовта на генерациите жители на Подгорци, кои изминатите сто години го граделе, чувале и унапредувале својот духовен дом.
– Истражувањето за ова дело почна во периодот кога бев парохиски свештеник во Подгорци, кога во црковната архива ги пронајдов старите записи што сведочат за првите иницијативи за изградба на храмот. Врз основа на тие архивски извори беше реконструиран историскиот пат од првичната идеја, преку поставувањето на камен-темелникот, изградбата и осветувањето на црквата во дваесеттите години на XX век. Истражувањето продолжува и низ поновата историја на храмот, опфаќајќи ги неговите обнови и развојни процеси, сè до најновата реконструкција, изведбата на фрескоживописот во периодот 2023–2024 година, како и целосното преуредување и осветување на храмот во 2024 година од страна на блаженоупокоениот митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј, информира Наумоски.
Покрај свештеничката служба Наумоски се занимава и со научно-истражувачка дејност. Има објавено четиринаесет научни и стручни трудови
јуни 6, 2026


