Connect with us

Свет

Администрацијата на Трамп започна со апсења на имигранти во Чикаго

Министерството за домашна безбедност (ДХС) објави на „X“ дека „Операцијата Мидвеј Блиц“ ќе биде насочена кон „криминални илегални странци“. Не беа дадени подетални информации за тоа како ќе се извршуваат акциите.

Градоначалникот на Чикаго, демократот Брендон Џонсон, на „X“ напиша дека градот не бил претходно известен. „Ние остануваме против спроведување на каква било потенцијална милитаризирана имиграција без соодветна постапка поради резултатите на ICE (Имиграциската и царинска контрола) за приведување и депортирање на американски граѓани и кршење на човековите права на стотици притвореници“, рече Џонсон.

Оваа агенција е позната по рациите во кои се вклучени маскирани агенти и е критикувана од групите за човекови права поради своите методи на работа. Гувернерот на Илиноис, демократот Џ. Б. Прицкер, го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека презема активности кои не се насочени кон борба против криминалот. „Наместо да преземе чекори за да соработува со нас во врска со јавната безбедност, администрацијата на Трамп се фокусираше на заплашување на жителите на Илиноис“, изјави тој на „X“.

Трамп ги заостри тензиите во последните денови со воинствена реторика и фотографии. Во текот на викендот, тој сподели фотографија генерирана од вештачка интелигенција на неговата платформа Truth Social, прикажувајќи го Чикаго во стил кој потсетува на воениот филм „Апокалипса сега“. Фотографијата ја содржеше реченицата „Чикаго е на пат да открие зошто се вика Оддел за ВОЈНА“, покрај натписот „Го обожавам мирисот на депортации наутро“, повторувајќи го познатиот филмски цитат за напалм.