Connect with us

Свет

Германија и Велика Британија планираат да ја прошират воената соработка во областа на вештачката интелигенција

Германија и Велика Британија планираат да ја прошират својата воена соработка со вклучување на развој и примена на технологии со вештачка интелигенција, соопштија германскиот министер за одбрана Борис Писториус и неговиот британски колега Вес Стритинг.

Стритинг ги презентираше плановите во статија објавена во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пред состанокот со Писториус закажан за денеска попладне во Берлин.

Според британскиот министер, заедничките напори за тестирање, развој и последователно имплементирање на вештачка интелигенција во вооружените сили ќе ја продлабочат билатералната соработка и ќе им овозможат на двете земји да бидат во чекор со своите потенцијални противници во однос на технологијата.

Се очекува претставници на владите и индустријата на Германија и Велика Британија да се сретнат на почетокот на 2027 година за да разговараат за понатамошниот развој на иницијативата.

Вештачката интелигенција станува сè поважна во воената сфера. Меѓународниот комитет на Црвениот крст веќе предупреди дека во оваа област е во тек трка во вооружување.

Стритинг истакна дека заканата од непријателски држави не е нов феномен, но нивните растечки способности бараат координиран одговор од европските земји.

Според него се почести се поддршката за тероризмот, саботажите и другите непријателски акти, а голем дел од нив потекнуваат од Русија.

Германија и Велика Британија се согласија да ја продлабочат соработката во областа на одбраната пред две години со потпишувањето на така наречениот Договор на Тринити Хаус. Една година подоцна, двете земји ја објавија својата намера да ги прошират своите заеднички активности во областа на кибер одбраната во рамките на овој договор.

Стритинг потенцира дека вештачката интелигенција е на пат да стане уште една насока во билатералната воена соработка. 

Ad
Ad