Connect with us

Останати спортови

Турција и Италија ќе играат во финалето на ЕП во одбојка за жени

Одбојкарките на Турција и на Италија ќе се борат за златниот медал на Европското првенство откако во денешните полуфинални дуели постигнаа победи против Србија односно Полска.

Во првото полуфинале Турција ја победи Србија со 3:0 во сетови (25:20; 25:19 и 25:20). Во изедначен дуел репрезентативките на Турција во првиот сет решавачките поени ги освоија во завршницата кога и се „одлепија“ резултатски. Во вториот сет Турција имаше предност од +6 и ја задржа до крајот на сетот. На идентичен начин Турција стигна до третиот сет со предност од шест поени во најголемиот дел од сетот.

Во второто полуфинале се играше еден сет повеќе, а Италија ја победи Полска со 3:1 (25:19; 25:19; 21:25 и 25:16). Италијанските одбојкарки на идентичен начин ги добија првите два сета и поведоа со 2:0, а Полска успеа да намали освојувајќи го третиот сет. Но, во следниот Италија беше убедлива и избори финале.

Финалето меѓу Турција и Италија почнува во 18 часот во недела, а три часа порано е почетокот на дуелот за бронзениот медал меѓу Србија и Полска.