Свет
Нови американски санкции против Куба, на листата и внукот на Раул Кастро
САД синоќа воведоа нови санкции против пет кубански компании и Фидел Ернесто Кастро Калис, внук на поранешниот кубански претседател Раул Кастро, во рамките на засилениот економски притисок на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врз комунистичките власти во Хавана.
Американското Министерство за финансии соопшти дека на ажурираната листа на санкционирани субјекти, меѓу другите, се додадени кубанската државна банка „Banco Exterior de Cuba“, компанијата „Comercial Cupet SA“ што се занимава со продажба на горива и мазива, велетрговецот со машини „ABAPET“, како и компаниите „CEXNI“ и „NICAROTEK“ поврзани со рударската индустрија.
На листата, според „Блумберг“, се наоѓа и 31-годишниот Фидел Ернесто Кастро Калис, син на Алехандро Кастро Еспин, висок функционер на кубанското Министерство за внатрешни работи кој беше ставен под американски санкции во јуни.
септември 4, 2026
