Вести
Мицкоски до Филипче: Инфлацијата во јуни годинава е 3,4 отсто, а во јуни 2022 беше 14,7 отсто, со вас бевме на врвот по бројот на починати во корона-кризата
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, на седницата на пратенички прашања, одговарајќи на прашање на пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, се осврна и на економските показатели во државата нагласувајќи дека економски споредбени параметри покажале дека растот на БДП и растот на пензиите е трипати поголем сега отколку за време на владата на СДСМ и ДУИ.
Тој рече дека побргу растат и платите, цените на горивата се најевтини во регионот во услови на криза, а споредувајќи ги параметрите за инфлацијата, нагласи дека инфлацијата во јуни 2026 година е 3,4 отсто, а инфлацијата во јуни 2022 со владата на СДСМ и ДУИ била 14,7 отсто.
Во одговор на пратеничко прашање од Филипче, Мицкоски посочи и на унгарскиот кредит, нагласувајќи дека Унгарија потврдила дека станува збор за кредит земен по преференцијални услови.
– Како држава сме успеале да обезбедиме евтини средства, односно да бидам попрецизен, најевтини од сите други држави што во тој момент ги обезбедиле и тие средства половина ги потрошивме да вратиме еврообврзница од 500 милиони евра, а четвртина од другата половина ја користат преку субвенциониран заем со каматна стапка од 1,95 отсто компаниите, а преостанатите 250 милиони заедно со други 250 милиони се искористени за финансирање проекти во општините, вклучително и во оние општини во кои СДСМ има неколкумина градоначалници. Јас мислев дека вие ќе излезете и ќе пофалите зошто државата направила таков аранжман за кој самата унгарска држава вели дека е по преференцијални услови, дека унгарските граѓани ќе требало да плаќаат 250 милиони евра дополнителни камати, итн., а вие повторно излегувате и кажувате работи што не се вистинити – одговори Мицкоски.
За цените на горивата рече дека се убедливо најниски во регионот и нагласи дека се работи за берзански материја.
– Станува збор за берзанска материја, не станува збор за тоа дали се претприемачките способности на оваа Влада добри или не се добри, исто како кога вие бевте министер и исто како бевме заковани на дното, односно на врвот по бројот на починати луѓе за време на корона-кризата кога се обидувавте преку компанија, на која основна дејност ѝ е трговија со јужно овошје, „Стабри“ во Хонг Конг, да набавувате вакцини што не ги набавивте. Тогаш во јавноста циркулира една за вас анегдота дека практично се обидувате на граѓаните да им помогнете на тој начин што ќе ги натплатите неколкукратно вакцините преку оваа компанија. Јас очекувам дека Обвинителството ќе преземе во свои раце да го истражи овој случај и не се заканувам, нема потреба да се плашите, јас знам дека Фројд работи кај вас, но нема потреба да се плашите“.
Премиерот изнесе и други споредбени економски параметри за власта на СДСМ – ДУИ и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
– Поврзано со економијата, јуни 2026 – јуни 2022, исти месеци, со тоа што оваа криза сега е убедливо длабоко потешка од онаа кшто беше во јуни 2022, особено кога станува збор за притисокот и инфлаторните движења. Анализирав дванаесет држави во регионот – Србија, Албанија, Македонија, Словенија, Црна Гора, БиХ, Грција, Хрватска, Бугарија, Косово, Романија, Турција. Јуни 2022 – влада на СДСМ, ДУИ, е во таа влада и уште некои инфлација 14,7 отсто, осми во овие дванаесет држави со 14,7 отсто. Јуни 2026 година – 3,4 отсто, трети, заедно го делиме третото место со Албанија. Србија има 2,7 отсто, зад нас се Словенија, Црна Гора, БиХ, Грција, Хрватска, Бугарија, Косово, Романија, Турција. Во јуни 2022 пред нас се Албанија, Словенија, Грција, Хрватска, Црна Гора, Косово итн. Ова се факти – рече Мицкоски.
Во врска со платите и примањата, истакна дека просечна плата во државата во јули 2017 година е 22.671 денар, а во мај 2024 – 41.252 денари и додаде дека за 83 месеци влада на СДСМ и ДУИ просечно месечно се зголемувала платата за 224 денари.
– Просечна плата јули 2024 година – 40.961 денар, просечна плата мај 2026 година – 49.544 денари. 23 месеци влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ или просечно месечно растела по 373 денари. Зборувам за нето-плата вкупно 66,5 отсто повеќе во споредба со периодот кога СДСМ е влада – нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека пензиите за време на владеењето на СДСМ во период од седум години се зголемиле седум илјди денари, а за приближно две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од седум илјади денари.
– Пензиите во периодот кога СДСМ е влада, од октомвриското нивелирање 2017 заклучно со мартовското нивелирање 2024 година, нецели седум илјади денари зголемена просечна пензија. За седум години со СДСМ, нецели седум илјади денари. За нецели две години влада на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ – повеќе од 7.000 денари. Три и пол пати, тоа е разликата. Ова се, господине Венко Филипче, бројки – истакна перемиерот.
Мицкоски се осврна и на бруто-домашниот производ.
– 1 јануари 2018 година, во споредба со 31.12.2023 година – 3,69 милијарди долари, толку е зголемен бруто-домашниот производ во тоа време. Сега, откако е оваа Влада, ближиме до 22 милијарди долари, односно за 160 милиони долари повеќе е зголемен бруто-домашниот производ за две години во споредба со вашата влада за шест години. Повторно доаѓаме на три спрема еден – посочи Мицкоски.
јули 31, 2026
