Connect with us

Вести

Турски државјанин и уште едно лице осомничени за даночно затајување од над 12 милиони денари

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против двајца сопственици и управители на фирма и против правното лице поради сомнение за даночно затајување, со што, според наводите, буџетот е оштетен за повеќе од 12,6 милиони денари.

Според соопштението од Финансиската полиција, првопријавениот Н. О., државјанин на Република Турција и реален сопственик и управител на пријавеното правно лице во периодот од 2016 до 2021 година, по поднесувањето на последната завршна сметка, во која била искажана нето-загуба од 834.571 денар, извршил промена на сопственичката и управувачката структура на компанијата. Како нов сопственик и управител бил евидентиран второпријавениот Е. М.

Финансиската полиција наведува дека за деловните години 2022, 2023, 2024 и 2025 не биле изготвени, ниту поднесени, завршни сметки поради што набавена трговска стока во вредност од 32.054.759 денари била неосновано присвоена. Воедно, според наводите, не биле пресметани, пријавени и уплатени обврски за данок на додадена вредност во износ од 5.769.856 денари, како и данок на личен доход во износ од 3.561.283 денари.

Дополнително, пријавените не ги отпишале, ниту ги прикажале како приходи застарените краткорочни обврски кон доставувачи постари од три години, во вкупен износ од 32.847.325 денари. Со тоа, според истрагата, не бил пресметан, пријавен и уплатен данок на добивка од 3.284.732 денари.

Од Управата за финансиска полиција информираат дека со наведените дејства пријавените не ги исполниле законски утврдените даночни обврски во вкупен износ од 12.615.871 денари, со што, како што се наведуваат, е предизвикана штета на буџетот на Република Северна Македонија.