Вести
Минчев: Вработувањето во јавниот сектор треба да се темели на заслуги, компетенции и интегритет
Реформата на јавната администрација не е декларативна определба, туку процес што бара континуирана работа, јасна визија и конкретни резултати, истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев на промотивниот настан за унапредување на вработувањето засновано на заслуги, интегритет и компетенции во јавниот сектор, организиран од Министерството за јавна администрација и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Тој посочи дека Министерството за јавна администрација, ја презело обврската да биде двигател на реформите во јавниот сектор и носител на промените што граѓаните и институциите ги очекуваат и оцени дека реформите се најуспешни кога се градат преку партнерство, споделена експертиза и заедничка посветеност.
Според министерот, во изминатиот период биле подготвени и донесени клучните системски закони што претставуваат основа за понатамошна професионализација на јавната администрација – Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници.
– Со овие законски решенија поставивме нови стандарди во управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор. Создадовме правна рамка која ги афирмира принципите на мерит системот, транспарентноста, професионалноста, отчетноста и континуираниот професионален развој – истакна Минчев.
На настанот беа претставени новиот систем за вработување заснован на заслуги, интегритет и компетентност, Правилникот за работни компетенции на административните службеници и Водичот за интегритет, мерит и компетентност-базирано вработување.
Според Минчев, овие механизми треба да им помогнат на институциите да спроведуваат објективни, фер и транспарентни постапки за вработување, со фокус на реалните компетенции на кандидатите и на интегритетот како суштинска вредност во јавниот сектор.
– На овој начин создаваме услови за постепено јакнење на мерит системот и за намалување на субјективноста во процесите на селекција и вработување – истакна министерот.
Тој додаде дека останува обврската да се продолжи со истата динамика и посветеност за изградба на професионална, модерна и европска јавна администрација што ќе работи во интерес на граѓаните и ќе биде двигател на општествениот развој.
Според шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал реформата на вработувањето во јавниот сектор е инвестиција во професионални институции и подобри услуги за граѓаните
-Реформата на системот за вработување во јавниот сектор заснован на заслуги, интегритет и компетенции претставува инвестиција во попрофесионални институции, поголем интегритет, посилна превенција на корупцијата и подобри јавни услуги за граѓаните – истакна, Вал.
Нагласи дека Министерството за јавна администрација и Мисијата на ОБСЕ ги здружиле силите со заедничка визија за создавање одговорна и ефикасна јавна администрација преку воспоставување нова рамка за вработување.
– Заедно им обезбедуваме на јавните институции јасни и практични насоки со цел да се обезбеди правично, транспарентно и одговорно вработување засновано на компетенциите и квалитетите на кандидатите – рече Вал.
Според него, иницијативата претставува пример како практичната поддршка и примената на меѓународните добри практики можат да придонесат за спроведување одржливи стратешки реформи и за зголемување на отпорноста кон корупцијата.
– Успехот на оваа реформа нема да се мери само преку документите што денес се претставуваат, туку преку нивната доследна примена во министерствата, агенциите, општините и другите јавни институции – истакна Вал.
Тој додаде дека граѓаните очекуваат и заслужуваат ефикасна јавна администрација ослободена од корупција и непотизам, поради што, како што рече, приоритет во наредниот период треба да биде ригорозната имплементација на новите механизми.
Прирачникот за интервјуирање по компетенции е наменет како практична алатка за институциите во процесите на селекција и унапредување на административните службеници. Во него се посочува дека одлучувањето за вработување не треба да се темели на лични впечатоци, неформални практики или субјективни проценки, туку на заслуги, компетенции и конкретни докази за постигнувањата на кандидатите.
Документот ги опфаќа трите клучни фази на процесот – подготовка пред интервјуто, спроведување на структурирано интервју и колективно оценување, рангирање и формализирање на изборот. Во него се содржани јасни насоки, конкретни чекори, прецизно дефинирани улоги на членовите на комисиите и практични алатки за спроведување на постапките.
Целта на прирачникот е процесот на избор и унапредување да биде транспарентен, предвидлив и фер, како и да обезбеди одлуките да можат да издржат стручна, институционална и јавна проверка. Со неговата примена се зајакнуваат принципите на еднакви можности, недискриминација, почитување на различностите, владеење на правото, транспарентност и отчетност во јавната администрација.
јули 22, 2026

