Вести
Одржан состанок на Националното координативно тело за имплементација на Истанбулската конвенција
Состанок на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција се одржа денеска во просториите на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Со состанокот претседавал министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, а присуствувал и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Министерството за социјална политика, демографија и млади соопшти дека пред членовите на Националното координативно тело биле презентирани измените на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, изготвени од работната група формирана за подготовка на законските измени.
Предложените измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство имаат за цел за да обезбедат побрза и навремена реакција на надлежните институции за заштита на жртвите, при интервенција по пријава за насилство, проценка на ризикот и управување со ризикот, заради спречување на актуелно насилство и спречување насилството да се повтори.
Согласно сознанијата од практичната примена на овој закон, додаваат од Министерството, се оцени потребата да се воведе брза интервенција на институциите кои постапуваат, мерките и активностите да ги преземаат така што ќе ја стават безбедноста на жртвата на прво место, ќе реагираат итно во ситуација на непосредна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство.
Во однос на постапките за носење на одлуки за итни и привремени мерки за заштита на жртвите, додаваат од Министерството, треба да создадат услови за поефикасно постапување, со предвидување на куси рокови за постапување.
-На овој начин ќе се создадат основи насилството веднаш да престане, а на жртвата да и се обезбеди навремена помош, поддршка и заштита – се вели во соопштението.
Законот, чие донесување се предлага, се заснова на истите начела на кои е заснован и основниот текст на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
-Во изминатиот период работната група интензивно работеше на подготовка на измените со цел поедноставување на постапките и овозможување побрза и поефикасна интервенција на надлежните институции во случаите на насилство врз жените и семејно насилство. На состанокот Националното координативно тело беа разгледани и усвоени предложените законски решенија и нивната примена во насока на поефикасна институционална заштита на жртвите и унапредување на координацијата меѓу надлежните институции, додаваат од Министерството.
јули 21, 2026

