Connect with us

Вести

Индиската претседателка Друпади Мурму од утре во официјална посета на Македонија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе ја пречека претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, која ќе престојува во дводневна официјална посета на земјата.

Индиската претседателка ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателката по што ќе следуваат тет-а-тет средба, пленарен состанок на македонската и индиската делегација и заедничка прес-конференција на претседателките.

Предвидено е претседателката на Република Индија да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, како и да се обрати во македонското Собрание.

Утре попладне ќе се одржи македонско-индиски бизнис-форум, организиран од страна на Кабинетот на претседателката, во соработка со Директоратот за економска дипломатија при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На отворањето на бизнис-форумот, на кој ќе се обратат претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму, ќе бидат презентирани инвестициските можности на земјата.

На вториот ден од официјалната посета, задутре, претседателките ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, каде што ќе се обратат на церемонија на откривање биста на Махатма Ганди. По церемонијата во Музејот на град Скопје, претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму ќе се упатат кон Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс Свети Наум, како и манастири и цркви во стариот град на Охрид.

Поради посетата на претседателката Мурму, од денеска до 23 јули ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје. Посебниот режим на сообраќајот ќе се применува во поширокото централно подрачје на Скопје. СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

Ad
Ad