Connect with us

Вести

17-19 јули – историски денови во борбата на МПЦ – ОА и македонскиот народ за своја самостојна и автокефална црква

Слободан ИВАНОВ

Во духот на заедништвото со Српската црква, наложено од југословенската и македонската државна политика, на Вториот македонски црковно-народен собор во Охрид, 1958 година, македонските свештеници го прогласиле возобновувањето на Охридската архиепископија, но истовремено одлучиле – српскиот патријарх, освен на СПЦ, да биде и врховен поглавар на самостојната Македонска православна црква, а г.г. Доситеј е титулиран – архиепископ охридски и скопски и митрополит македонски. Со тоа СПЦ признала самостојна (т.е. автономна, делумно самоуправна), но не и автокефална (независна) Македонска православна црква. Така, МПЦ, иако со својa хиерархија и посебен Устав, и натаму останала во канонско единство со СПЦ – преку заедничкиот поглавар – српскиот патријарх Герман. Во македонското републичко раководство владеело задоволство. За властите обновата на ОА и нејзината автономија било голем политички успех зашто со тоа наводно се заокружувало македонското национално прашање.

Фактичката состојба наредните години не велела така. Иако СПЦ и новиот патријарх Герман следната 1959 г. декларативно се согласиле со одлуките на Вториот македонски собор, според проф. Борче Илиевски, раководството на СПЦ повторно почнало со обиди да го попречува и спречи неизбежниот развој на Македонската православна црква, на пример, неизвршувајќи ги преземените обврски за претставувањето на самостојната МПЦ пред другите сестрински православни цркви итн.

Кратко по Вториот собор, според тукушто усвоениот Устав на МПЦ, конституиран е и Синодот на МПЦ, како и другите управни тела во Архиепископијата и епархиите. Новонастанатата состојба наложувала и нови блиски односи и соработка меѓу МПЦ и републичките власти на НР Македонија. Државно-партиските структури се надевале дека со утврдената автономија на МПЦ и основањето македонски црковни општини ќе се намали и пробугаристичкото ванчомихајловистичко влијание во македонското иселеништво… Тоа, според историографијата, се покажало делумно точно.

– Всушност, СПЦ во целиот повоен период, на разни начини, непомирливо се спротивставувала на официјалниот државен став кон македонското прашање. Веројатно, тоа било една од главните причини поради која сојузните органи ги поддржале македонското републичко раководство и ставот за барањето на МПЦ за автокефалност. Од средината на 60-тите состојбата значително се променила. Патријархатот во 1966 година го загубил својот патрон (Александар) Ранковиќ, а во МПЦ растело незадоволството затоа што сѐ уште се третираат како внатрешна работа на СПЦ. И повторно одлучувачка била помошта од државните структури – изјави проф. Илиевски.

Доситеј, со световно име Димитрија Стојкоски (1906 – 1981) е Македонец, по потекло од Маврово. По искачувањето во српската црковна хиерархија и изборот на г. г. Доситеј како епископ во СПЦ, македонското свештенство побарало негова официјална посета во Македонија. На 7 декември 1951 бил примен во владата на НР Македонија. Потоа следувала негова обиколка во повеќе македонски градови, што го налутило српскиот врв. Потоа г.г. Доситеј стана првиот поглавар на МПЦ, од 1958 до својата смрт во Охрид во 1981 г., пишува историчарот Борче Илиевски.


ТРЕТИОТ МАКЕДОНСКИ ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР

Од 17 до 19 јули 1967 година, во познатата црква „Света Софија“ во Охрид, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква го одржал Третиот македонски црковно-народен собор. Годината е симболична – точно два века претходно, во 1767 г., Цариградската патријаршија со поддршка од Отоманска Турција издејствувала укинување на автокефалната Охридска архиепископија. Митрополитот македонски, г.г. Доситеј, во присуство на насобраните верници, соборјани и многубројниот македонски народ, првин отслужил божествена литургија, па го означил почетокот на работата на Соборот. 

Најнапред се пристапило кон измените и дополнувањето на Уставот на МПЦ со утврдување и отворање две нови епархии – Дебарско-кичевската епархија и Американско-канадско-австралиската епархија за македонското иселеништво во светот. Потоа Синодот поднел извештај за негативниот однос и притисоците на СПЦ кон самостојноста на Охридската архиепископија, а особено се посветило внимание на најновиот развој на настаните по последниот Архијерејски собор на СПЦ. Соборјаните, кога го ислушале извештајот на Светиот синод, едногласно ја одобриле натамошната негова работа и следувала свечена Резолуција, пишува митрополитот повардарски Агатангел (Атанас Станковски) во својот осврт.

Соборјаните, тогаш, званично, од името на целиот македонски православен народ, побарале од Синодот на МПЦ таа да биде прогласена за автокефална црква. До одржувањето на тој Трет собор, Синодот на МПЦ веќе го сочинуваат петмина архијереи.

Во тие услови Светиот синод донел одлука со која прогласил автокефалност на Македонската православна црква, истовремено возобновувајќи ја историската Охридска архиепископија.

Во првиот член на оваа одлука се вели: „Македонската православна црква – наследничка на обновената Охридска архиепископија, се прогласува за автокефална“. Поглаварот на автокефалната Македонска православна црква, г. г. Доситеј, според член 2., го добил достоинството: Архиепископ охридски и македонски – како што гласи новата врховна титула на македонскиот црковен поглавар.

– На Третиот црковно-народен собор од јули 1967., точно 200 години по укинувањето на Охридската архиепископија, на чиј континуитет се повикува Македонската православна црква – е прогласена нејзината автокефалност. И 22 години по Првиот црковно-народен собор, кога била донесена декларацијата за автокефалност на МПЦ, и новата автокефалност – првично во облик на полна автономија во рамките на СПЦ, повторно била прифатена како најповолно решение за Македонската црква – нагласува Илиевски.

Донесувајќи ја одлуката за прогласување на МПЦ за автокефална црква, како наследничка на обновената Охридска архиепископија, Светиот архијерејски синод на МПЦ се раководел од тоа што корените или темелот на христијанството во Македонија е во она апостолско време… Историјата потврдува: „Древните Македонци први во Европа го примиле христијанството“, потсетува информативниот напис на интернет-страницата на Повардарската епархија. 

Потоа, се вели, следувал и „подемот на нашата вера преку ширењето на христијанството во времето на светите Браќа Кирил и Методиј и нивните ученици – св. Климент и св. Наум, кои проповедајќи го Христовото учење на јазикот на Македонците, уште повеќе ја зацврстиле христијанската вера“ на нашето поднебје, но и пошироко. – „Во Македонија била возобновена и дејствува Охридската архиепископија, која во времето на Самуиловото Царство била издигната и во патријаршија. Иако потоа повторно била сведена на Архиепископија. Таа дејствувала уште 800 години ширејќи го христијанството како покровителка не само на Македонците туку и на соседните православни народи“ – пишува митрополитот повардарски Агатангел во својот напис.

Со ова, всушност, „престануваат да важат прописите на Уставот на Српската православна црква за епархиите и архијереите во Македонија“ – истакнува писателот. 

Според соборската одлука, јурисдикцијата на Македонската православна црква ги опфаќа епархиите во Република Македонија и македонските црковни општини вон татковината, во кои се организирани Македонците во светот.

Во соборската одлука на крајот вели: „Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, од името на богоспасаемата паства, за доброто и преуспевањето на учењето на Спасителот наш Господ Исус Христос, мисли и верува дека актот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква, објавен на Светата архијерејска литургија во црквата ‘Свети Климент Охридски’ на 19 јули 1967 година во Охрид, ќе биде прифатен и признаен од сите помесни свети православни цркви и ќе го добие нивниот благослов“.

На последниот ден од Соборот – 19 јули, архиепископот охридски и македонски Доситеј и архијереите испратиле писма до другите автокефални цркви со известување за прогласувањето на МПЦ за автокефална црква.

Годините потоа пристигнувале многубројни барања од Македонци – иселеници до Светиот синод, се наведува, МПЦ да испрати македонски свештеници – во земјата во која луѓето се преселиле. Македонските црковни општини надвор од државата прераснувале во цркви, црковно-народни и културно-просветни центри, во кои слободно се изразуваат и се задоволуваат духовните, културно-просветните и националните чувства и црковните потреби на Македонците.

Изворите се согласуваат: во последната деценија од XX век, т.е. по целосното осамостојување на Македонија како држава, се забележува подем и развој на духовно-просветниот живот како во земјата така и во дијаспората. 

Тоа што почнало за времето на Вториот собор, зело уште поголем замав по Третиот собор. Македонците иселеници во Австралија, Северна Америка, а подоцна и оние од Европа, добиле 3 посебни епархии и во нивни рамки десеетици цркви, манастири и црковни општини, кои се грижат за верските, духовните и за душевно-материјалните потреби на верниците, за друштвени, едукативни, спортско-рекреативни, забавни настани, како и негување на етничките, национални чувства преку курсеви за изучување на македонскиот јазик и литература, сочувување на културата, традициите итн.


ОДНОСОТ НА СПЦ КОН АВТОКЕФАЛНАТА МПЦ

Покрај воздржаноста на српскиот политички лидер Ѓурица Јојкиќ и неговите повици кон српскиот патријарх за избегнување на заострување на односите, Сојузната комисија за верски прашања на СФР Југославија, предводена од Црногорецот Мило Јовиќевиќ, во септември им дала поддршка на МПЦ и на прогласената автокефалност.

СПЦ не го дели тој став. Во рамките на Српската црква составен е дури и посебен „суд“ за т.н. раскол, т.е. одвојувањето и независноста на МПЦ. По неколку години беспаќе за СПЦ, според проф. Илиевски, таа „судска“ постапка „била ставена во мирување“, како што српскиот патријарх во 1973 ги известил југословенските власти. Со попрости зборови – тој потфат на СПЦ никогаш не доживеал завршница.

По сè изгледа, овој театар и глума на СПЦ биле само средство со цел предизвикување страв кај МПЦ заради можно повлекување од веќе прогласената автокефалност. Или, пак, можеби, се целело на провокација, т.е. стапица за некаква можна брзоплета реакција на МПЦ, која би ѝ дала предност на СПЦ. Можна причина за ваква „судска“ иницијатива се и внатрешните проблеми во СПЦ, кои ја слабееле. Тоа се: расколот во Српската епархија во Америка, потчинетоста и понизноста пред српските социјалистички власти, пониженоста на СПЦ од сè тоа итн.

Битно: МПЦ не паднала во стапицата на провокациите.

Како и да е, при првичните посети на МПЦ кај сестринските цркви, втората нам најблиска – Бугарската православна црква, поточно бугарскиот патријарх првично изразил „воодушевување од храброста на македонските свештеници“, но потоа „се поколебал“ и им соопштил на македонските свештеници дека БПЦ нема да изнесе официјален став, потсетува Илиевски. Се чини ваквото однесување на СПЦ и БПЦ, меѓу другото, донекаде го обликувал и ставот на другите православни цркви. 

Поважно, сепак, а и полоша околност за МПЦ, е тоа што канонското признавање на МПЦ било ставено во мирување и така работите не се поместиле од таа точка цели 50 години. Во својата антимакедонска политика СПЦ особено имала поддршка од грчкото свештенство.

На почетокот на ХХI век историскиот назив Охридска архиепископија и званично е додаден во името на МПЦ.

Во 2022 г. СПЦ и патријархот Порфириј официјално ја признаа независната, автокефална Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА). Признавањето и помирувањето меѓу МПЦ – ОА и СПЦ, според многумина, сепак, е битно. Тој чин, пред сè, повлече натамошно признавање на МПЦ-ОА и од повеќе други православни цркви. Потоа отцепничката Православна охридска архиепископија (создадена на почетокот на ХХI век) повторно се спои со МПЦ – ОА. 

Засега, се чини и оти, по повеќедеценискиот судир, нема веќе никаква зла крв меѓу МПЦ – ОА и СПЦ, велат познавачите. Тоа, по цел век непријателства и разни премрежиња, води кон поголема блискост меѓу двата соседни народи – Македонците и Србите, како и меѓу двете држави.

Ad
Ad