Вести
Обвинувања на власта и опозицијата дали институтот опозициски прашања ја постигнал целта
Денешната собраниска седница посветена на опозициските пратенички прашања помина во меѓусебни обвинувања колку институтот опизициски прашања ја исполнил целта. Опозицијата со забелешка дека на ваквите седници не се присутни министрите на кои им се упатени прашања иако во согласност со Деловникот имаат обврска да бидат присутни, а власта со оценка дека институтот опозициски прашања се користи за политиканство.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека иако идејата била концептот опозициски прашања да овозможи кратки прашања и одговори, опозицијата го злоупотребува за политиканство и барања за паузи.
– Со жалење можам да констатирам дека институтот опозициски пратенички прашања не ја исполни целта затоа што целта на ова не беше политиканство, туку кратки прашањи и одговори, да дојдат министрите и замениците и да одговарат на тие прашања. На двочасовни опозициски пратенички прашања, стрикно поставени до конкретни министерства, ние имаме барање за пауза и злоупотреба на тоа со образложение дека не биле министрите тука, а тоа не е точно – рече Мицевски.
Посочи дека отсуството на министерот за транспорт е оправдано бидејќи тој е на самит во Солун, каде што, како што рече, има сериозно битна работа за потпишување.
Отсуството на вицепремиерот и министер за транспорт беше причина да реагираат од Левицата, од каде што посочија дека министрите со недоаѓањето на овие седници го кршат Деловникот за работа на Собранието.
– Мојата процедурална забелешка се однесува на неправилната примена на член 42 став 5 од Деловникот на Собранието. Овој став предвидува дека на седница за опозициски прашања задолжително присутствуваат претседателот на Владата и членовите на Владата на кои им е најавено дека им се постави прашање. Притоа исклучок од оваа должност е предвидена само за председателот на Владата кога има објективни и неодложни причини. Тогаш е предвидено претседателот на Владата да испрати заменик. За другите членови на Владата ваков исклучок не е предвиден. Ние уредно, во согласност со деловничкиот рок, пред пет дена најавивме дека прашање ќе му биде поставено на министерот за транспорт Николовски, а министерот не е присутен и спротивно на Деловникот испраќа заменик, а таква можност Деловникот не дава – рече Сашко Јанчев од Левицата.
Јанчев најави дека ќе поднесат предог-измени на Кривичниот закон со цел да се воведе ново кривично дело – неодоговарање на собраниска покана.
Реакцијата на Јанчев следува откако пратеникот Амар Мециновиќ постави прашање поврзано со домувањето до министерот за транспорт, но поради негово отсуство, одговор даде заменик-министерката за транспорт.
јуни 18, 2026

