Вести
Муцунски во Даблин: Проширувањето на ЕУ мора да остане процес заснован на заслуги и јасни критериуми
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во рамките на работната посета на Ирска имаше обраќање во Институтот за меѓународни и европски работи IIEA, каде што говореше за европската интеграција, политиката на проширување на Европската Унија и иднината на Западен Балкан.
– Потенцирав дека проширувањето мора да остане процес заснован на заслуги, јасни правила и објективни критериуми. Кредибилитетот на Европската Унија зависи од нејзината способност да остане доследна на принципите и ветувањата врз кои е изградена – објави Муцунски на „Фејсбук“.
Шефот на макеоднската дипломатија истакнал и дека е потребна нова политичка енергија во процесот на проширување.
– Во услови на засилени геополитички предизвици, Западен Балкан не смее да остане на маргините, туку треба да биде составен дел од европската визија за безбедност, стабилност и просперитет. Во пресрет на ирското претседавање со Советот на ЕУ, ја поздравив континуираната и принципиелна поддршка што Ирска ја дава на политиката на проширување и на европската перспектива на регионот. Европа останува наш стратешки избор, а полноправното членство во Унијата наша јасна и непроменета цел – нагласил Муцунски во обраќањето на Институтот за меѓународни и европски работи IIEA во Дабли, одржано во рамките на неговата работна посета на Ирска.
јуни 18, 2026

