Connect with us

Вести

Соработката на македонската и италијанската полиција во фокус на средба меѓу надлежните во Рим

Унапредување и продлабочување на билатералната соработка меѓу македонската и италијанската полиција, со посебен акцент на заедничкото справување со современите безбедносни предизвици – како што се тероризмот, организираниот и транснационалниот криминал, илегалната миграција, киберкриминалот, криминалот поврзан со криптовалутите и криптопазарите, како и превенцијата од криминал преку интернет. Тоа било тема на разговор на денешната средба во Рим на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, со генералниот директор на италијанската полиција, а во организација и со поддршка на проектот EU4FAST – соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.

– Како полициски служби, кои се соочуваат со исти или слични безбедносни закани, беше потврдена подготвеноста за понатамошно интензивирање на размената на информации, податоци и оперативни искуства поврзани со криминалните активности на поединци и организирани криминални групи, со цел поефикасно откривање, спречување и сузбивање на сите форми на криминал – информираа од МВР.

Особено внимание било посветено на идните заеднички проекти во областа на обуките, тренинзите, едукацијата и размената на знаења и добри практики, особено во борбата против тероризмот, киберкриминалот, илегалната миграција, злоупотребите поврзани со криптовалутите, како и примената на современи аналитички методи и алатки во полициското работење.

– Во духот на меѓусебната доверба и партнерство беше потврдена подготвеноста за воспоставување поцврста институционална рамка на соработка преку подготовка на меморандум или протокол за соработка, со јасно дефинирани директни контакт-точки од двете полиции за секоја област од заеднички интерес. На овој начин ќе се овозможи побрза комуникација, поефикасна координација и навремена размена на информации и оперативни сознанија – додадоа од МВР.

Како што информираа од МВР, била потврдена подготвеноста за развивање идни заеднички регионални иницијативи и проекти имајќи предвид дека безбедносните предизвици денес не познаваат граници и бараат координиран, партнерски и регионален пристап.

– Македонската и италијанската полиција остануваат искрени и доверливи партнери, кои преку пријателство, меѓусебна поддршка и професионална соработка даваат значаен придонес кон националната, регионалната и глобалната безбедност. Заеднички градиме посилни институции, посигурни општества и побезбедна иднина за македонските и италијанските граѓани – истакнуваат од МВР. 

Ad
Ad