Свет
Германскиот „Хензолд“ и украинскиот „Фајер Поинт“ склучија партнерство за радари за украинската ПВО
Германската компанија „Хензолд“ потпиша договор за стратешко партнерство со украинскиот производител на оружје „Фајер поинт“, со цел развој и испорака на радарски системи за украинската противвоздушна одбрана.
Договорот бил склучен вчера во Париз, каде двете компании учествуваа на Меѓународниот саем на воена индустрија „Јуросатори“.
Од „Хензолд“ соопштија дека партнерството предвидува производство, тестирање и испорака на радарски системи за украинската противвоздушна одбрана. Радарите можат да откриваат и следат до 1.500 различни воздушни цели.
Според агенцијата ДПА, руските сили редовно ја напаѓаат Украина со беспилотни летала и ракети. Иако украинските системи за борба против дронови функционираат релативно ефикасно, руските ракетни напади и натаму предизвикуваат значителни штети.
Западните системи за противвоздушна одбрана, како „Патриот“ и „ИРИС-Т“, не се доволни за заштита на целата украинска територија, а нивните пресретнувачки ракети се скапи. Поради тоа Киев настојува да развива сопствени решенија и да воспоставува партнерства со западни компании.
Германските радари ќе бидат интегрирани во системот за противвоздушна одбрана „Фреја“, развиен од „Фајер Поинт“.
„Сега можеме да преминеме од концепт кон практична изградба на заеднички европски штит против балистички ракети“, изјави извршната директорка на „Фајер Поинт“, Ирина Терех.
Двете компании не објавија детали за бројот радари што би биле испорачани, ниту за вредноста на евентуалните договори.
јуни 17, 2026


