Connect with us

Вести

Газда на странска фирма го оштетил Буџетот за 2 милиони евра, а пропаднале и 9 милиони евра ИПА средства

Управата за финансиска полиција соопшти дека до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против лицето С.Г.О.Б., странски државјанин, во својство на сопственик и управител на правно лице, како и против самото правно лице поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ од член 275-в од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

-Пријавениот С.Г.О.Б. во својство на сопственик и управител на пријавеното правно лице, свесно и со намера ги повредил прописите поврзани со постапката за јавен повик за проектот „Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Кичево“, за кој во 2023 година бил склучен договор со Министерството за финансии на РСМ – Секторот за централно финансирање и склучување на договори во рамките на Секторска оперативна програма за животна средина и климатски акции за ИПА II (2014-2020), на начин што, иако бил должен во текот на неговата реализација да обезбеди важечка банкарска гаранција, како и да достави барање за одобрување на подизведувачи до договорниот орган, пријавениот, при извршувањето на договорот финансиран од Европската Комисија и Буџетот на РСМ, го прикрил стечајот на азербејџанската банка „Muganbank“ – која била издавач на банкарската гаранција, со што не ја открил околноста дека повеќе не располага со валидна гаранција, а истовремено ангажирал подизведувачи без претходно да обезбеди одобрение од Министерството за финансии и надзорниот орган, со што постапил спротивно на договорните обврски и условите за реализација на проектот, поради што договорот бил раскинат – се вели во соопштението.

Со горенаведените дејствија, како што посочуваат од Финансиска полиција, пријавените предизвикале штета на буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 127.425.036 денари, како и штета по основ на загубени ИПА средства во износ од 9.474.132 евра, кои државата ќе треба да ги обезбеди од сопствени средства.

Ad
Ad