Вести
Констатирана оставката на вицепремиерот Арбен Фетаи
Собранието, во рамките на денешната 104. седница, ја констатира оставката на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
Вицепремиерот Фетаи поднесе оставка на 1 јуни за што соопшти преку социјалните мрежи. Фетаи во објавата на „Фејсбук“ вели дека од функцијата заминува со крената глава и чиста совест.
– Ова е добро смислена одлука, донесена со уверување дека при околностите во моментот е најправедниот и најдостоинствен чекор. Во текот на овие две години имав чест и привилегија да ѝ служам на земјата придонесувајќи за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото. Им благодарам на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и соработуваа на ова патување. Дали сум целосно задоволен со постигнатото? Секако дека не. Секогаш има место за повеќе и подобро. Но, дали работев со најголема посветеност да поставам цврсти темели на кои може да се гради понатаму? Без двоумење, да – наведува Фетаи.
Во оставката тој изразува благодарност за укажаната доверба да ја врши функцијата вицепремиер за добро владеење, но додава дека во сегашните околности повеќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност и од тие причини се повлекува од должноста.
јуни 10, 2026

