Connect with us

Вести

Син ми го користи тој простор, рекол таткото на Ѓоко Ристов по пронаоѓањето на парите во ѕидот

Со изведување докази на Обвинителството, во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето на судијата во Апелациониот суд, Ѓоко Ристов.

Јавната обвинителка Искра Хаџи – Василева презентираше анкетни листови што ги доставил обвинетиот за пријавување имот. 
Беа презентирани и докази од претреси спроведени на 17 и 18 јануари 2026 година, фотографии од семејна куќа, два влеза и два ката – горен и долен, засебни, со засебни влезови. Беше прикажано и видео од претресот кај таткото на обвинетиот. 

Полициски службеници при претресот во кујнскиот простор ги пронашле парите, за кои таткото рекол дека можеби син му ги ставил позади плочките.

– На прашање, кој син, таткото одговорил „Ѓоко – судијата, тој го користи овој простор“ – рече Хаџи – Василева во судницата.
Пред присутните, беа презентирани фотографии од спакуваните парични средства. 

– Не е вистина дека јас го користам тој простор – рече Ристов за вториот кат од куќата што се презентираше денеска во судницата.

Беа спомнати и одлуки на обвинетиот Ристов во однос на Љупчо Пецов како обвинет во судски постапки. Имало и докази за телефонски повици меѓу обвинетиот Ристов и осуденото лице Фехми Стафа. Исто така, беа презентирани видео записи од 20 и 27 ноември 2025 на кои, како што беше кажано, се гледа осуденото лице Стафа како влегува во канцеларија на обвинетиот Ристов.

На 29 ноември пред лифт во зградата на Ристов, од безбедносни камери, тој бил забележан со Стафа. Истиот ден, материјалот покажувал дека осудениот Стафа чека пред влезот, потоа обвинетиот се симнува од лифтот и излегува. Пред возило разговарале десетина минути.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ изјави дека се гледало оти форензичарите не биле облечени според протоколот и правилникот за обезбедување форензички докази. Тој рече дека понатаму во постапката ќе се докажува дека имало контаминирани докази.

Давидовиќ рече и дека се обидува да се докаже дека Ристов сторил кривично дело преку познанството со Пецов и Стафа. – Ние во листата на докази ги предложивме и Фехми Стафа и Љупчо Пецов, кои ќе дојдат, па ќе ги чуете – најави Давидовиќ. 

На денешното рочиште беше кажано дека претрес бил и претходно вршен, во рамки на кој бил одземен телефонски уред на Ристов, кој ќе биде презентиран на некои од следните рочишта. Мобилниот телефон кој претходно го користел Ристов, како што им било кажано на надлежните, на 3 декември 2025 година, во нивниот дом од невнимание паднал и се искршил, по што тој го оставил во мобилара во Скопје.

На претходното рочиште, Обвинителството, како што беше кажано, ќе докажува дека Ристов како судија во Апелациски суд, дал лажни податоци за својата имотна состојба, а ќе се докажува и за прикривање податоци за имотот на обвинетиот.

Адвокатот на Ристов рече дека во текот на постапката, одбраната на Судот ќе му покаже за легалното потекло на имотот на родителите на обвинетиот. Според него, презентираните докази ќе покажеле дека неговите родители легално го спечалиле имотот. 

На 17 април, Јавното обвинителство соопшти дека биле преземени повеќе дејствија и претреси, при кои на 18 јануари годинава во дом на родителите на судија во Неготино биле пронајдени вкупно 350.000 евра за чие потекло тој немал доказ и не ги пријавил.

– Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕидот на една од собите. Ова предизвика основано сомнение дека овој осомничен во периодот од 10.02.2020 година, како службено лице судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи – објави ЈО.

Притоа Обвинителството информираше дека од поведувањето на постапката, јавниот обвинител презел повеќе дејствија, со кои обезбедил цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства.

Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.

Следното рочиште е на 12 јули.

Ad
Ad