Вести
Мицкоски најави изградба на нов ултрамодерен клинички центар во Скопје кај базенот „Борис Трајковски“
Владата во моментот е фокусирана на завршување на процедурите за доизградба на Клиничката болница во Штип, изградба на факултет за медицински науки и студентски дом во Штип, како и на болниците во Кичево и Тетово. Додека течат постапките за овие проекти, Владата веќе размислува и за изградба на нов модерен клинички центар во Скопје – истакна на денешната прес-конференција претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарско прашање кога би можеле да почнат процедурите и колку бргу би можеле да се одвиваат за изградба на новиот објект на Клиничкиот центар во Скопје.
Премиерот Мицкоски посочи дека за болниците во Штип, Кичево и во Тетово и за нов факултет за медицински науки и дом за студенти во Штип имале меѓународен повик за да се пронајдат финансиери за овие проекти.
– Тука веќе имавме меѓународен повик за да најдеме финансиери и веќе имаме понуди кои се необврзувачки, индикативни, понуди кои за нас, би рекол, навистина се поволни и прифатливи. Овие проекти треба да ги завршиме, а логично е дека во меѓувреме размислуваме и за голем клинички центар, кој во Скопје би требало да се изгради. Разгледуваме една локација. Тоа е локацијата пред базенот „Борис Трајковски“ бидејќи таа локација е на два булевари, пристап до гас, блиску до обиколницата, што значи не само за главниот град и Македонија како држава туку може од соседните држави да привлекуваме пациенти, кои ќе ги користат услугите на овој, би рекол, како што е нашиот план, ултрамодерен клинички центар. Но, таа парцела е приватна сопственост. Преговараме со сопственикот да видиме дали можеме да најдеме замена за таа парцела да ја добие државата, потоа со специјален закон да ѝ се смени намената – изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека планот е и под булеварот „Илинденска“ да се направи топол подземен премин, кој ќе се поврзе со постојната „8 Септември“ и ПЕТ-центарот и Поликлиниката „Букурешт“.
– Значи овој проект ќе опфати еден целосен заокружен комплекс. Знаете дека имавме една голема инвестиција во болницата „8 Септември“. Бевте присутни, видовте, навистина најсовремена опрема, единствена на Балканот. Тоа е нашата амбиција и откога ќе ја завршиме процедурата со овие претходни проекти, тоа ќе биде главниот фокус на нашите приоритети. Овој долго најавуван проект да го направиме онаму каде што треба да биде и онаму каде што му е местото и каде што ќе може граѓаните да го користат. Така што, на овој начин цениме дека не само што ќе ја развиваме државата, туку и ќе одговориме на потребите на граѓаните онаму каде што се најпотребни – вели Мицкоски.
Прашан за временската рамка, Мицкоски со одговор дека ако сè е во ред, очекува веќе в година да има и почеток на активности за изградбата на новиот ултрамодерен клинички центар во Скопје.
јуни 10, 2026


