Connect with us

Вести

Костадиновски: Политичките напади нема да влијаат врз моите професионални одлуки

Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Дарко Костадиновски, реагира на соопштението на политичката партија Левица истакнувајќи дека нема да коментира политички ставови, но чувствува обврска да одговори на, како што наведе, личните дисквалификации и навреди упатени кон него.

– Како претседател на Уставниот суд, останувам доследен на својот принципиелен став да не коментирам ничии политички ставови изнесени во јавноста. Сепак, овој пат, бидејќи се работи за лични дисквалификации, навреди, чувствувам должност да констатирам дека, за жал, на македонската политичка сцена сè уште опстојува примитивен политички менталитет. Истовремено, сакам и да изразам жалење што на мојот професионален живот и лична кариера,некој упорно им дава политичка димензија – истакнува Костадиновски во писмената реакција до медиумите.

Костадиновски порачува дека одлуката каде ќе ја продолжи својата кариера по истекот на мандатот е негов личен избор и легитимно право, како и на секој граѓанин што ги исполнува законските услови за вршење одредена професија.

– Прашањето каде ќе продолжи мојата кариера по завршувањето на мандататот и дали тоа ќе биде универзитетската заедница, претставува мој личен избор, како и легитимно право на секој граѓанин што ги исполнува законските услови за вршење одредена професија – наведува Костадиновски.

Осврнувајќи се на критиките поврзани со неговиот можен ангажман во академската сфера, тој посочи дека единствено релевантни критериуми се неговото научно творештво, професионалното искуство и потребите на академската заедница.

– За конкретното прашање со кое се преокупирани некои политички структури, релевантни се следните критериуми: моето научно творештво и искуство, како и потребата на академската заедница од таков кадар. А овие критериуми, кои е лесно да се објективизираат, секако не зависат од кој било политичар и неговите преференции – нагласува претседателот на Уставниот суд.

Ad
Ad