Живот
Експертите: Обдукцијата покажа дека пцовисаниот кит Тими бил женка, причината за смртта сè уште не е позната
Обдукцијата спроведена на данскиот остров Анхолт покажа дека пцовисаниот грбав кит, кој во јавноста беше познат како Тими, всушност бил женка. Испитувањето на телото сè уште е во тек, а причината за смртта на животното засега останува нејасна – соопштија денеска данските власти.
Тимот експерти што ја извршија обдукцијата откриле грло на матка кај китот, пренесе телевизијата „Њуз 5“ (News5), која во живо го пренесуваше процесот.
Експертите, чија примарна цел е да го утврдат точното време на смртта на китот, чие спасување со недели го привлекуваше вниманието на јавноста откога тој зарикна во Германија, наведуваат дека одговорот на ова прашање може да биде тежок за пронаоѓање.
- Сега можеби е веќе премногу доцна за да се открие внатрешно крвавење, на пример – изјави данскиот истражувач на китови, Петер Теглберг Мадсен.
Според научниците, рибарските мрежи пронајдени во желудникот и во цревата исто така би можеле да бидат една од причините што придонеле за смртта на животното. Телото на китот дополнително ќе биде дисецирано по што неговите делови ќе бидат уништени.
Пцовисаниот грбав кит беше пронајден во средината на мај во близина на споменатиот дански остров, а неговата судбина со недели преку медиумите ја следеа милиони луѓе откога претходно заглави во германските води.
Тими пцовиса по пуштањето од баржа во отворено море, а германските медиуми денеска ја доведуваат во прашање и оправданоста на начинот на кој беше спроведена целата акција за негово спасување.
Локалните власти претходно во повеќе наврати неуспешно се обидуваа да го вратат китот од плиткото на отворено море по што двајца приватни претприемачи го финансираа последниот обид за негово спасување. Овој чекор беше преземен и покрај сомнежите на дел од стручната јавност дека животното воопшто ќе го преживее транспортот.
Експертите наведуваат дека Тими бил во исклучително лоша здравствена состојба уште додека бил заглавен. Некои од нив тогаш сметаа дека китот намерно го избрал плиткото море како место на кое ќе заврши својот живот во мир, а други предлагаа воопшто да не се дислоцира за да му се овозможи да пцовиса таму без дополнителен стрес.
јуни 6, 2026


