Connect with us

Вести

Мицкоски: Во акцијата на Финансиската полиција опфатени ексградоначалник и поранешен прв човек на Царината, неколку вработени и еден посредник

Поранешен градоначалник и поранешен директор на Царинската управа, неколку вработени во оваа институција, како и едно лице, кое било своевиден посредник во олеснување одредени незаконски активности, се опфатени во акцијата на Финаниската полиција насочена кон откривање и документирање повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.

Во врска со вчерашната акција на Управата за финаниска полиција и за тоа дали таа била насочена против поранешен директор на Царината и поранешен градоначалник на Карпош, Мицкоски ја потврди акцијата, без да наведува имиња, нагласувајќи оти не сака да му наштети на процесот и оти ја почитува пресумцијата на невиност, а меѓу другото, рече и дека истрагата ќе се проширува и на други институции.

– Ќе дадам краток одговор бидејќи истрагата е во тек и не би сакал да навлегуваме во детали, кои би можеле да го компромитираат евентуалниот понатамошен процес. Точно е тоа за кое зборувате. Станува збор за лице кое е поранешен градоначалник на општина и поранешен директор на јавна институција, во конкретниот случај Царинската управа. Во постапката се опфатени и неколку вработени во рамките на оваа институција, како и едно лице, кое не знам како да го наречам, но бил многу близок до претходата влада и тоа лица често ги олеснувало условно кажано дејствата, кои изоболуваат со многу незаконитости или народски кажано посредник – нагласи Мицкоски.

Тој рече дека во согласност со информациите со кои располага, истрагата ќе се проширува и во периодот што следува слични вакви акции ќе има и во неколку институции поради недоследнсти од минатото, кои се содржани во ревизорски извештаи, а кои, како што додаде, претставуваат индиции за злоупотреба на службената положба и овластувања.  

– Сепак, сè уште станува збор за истражни постапки. Јас го почитувам принципот на пресумпција на невиноста и сметам дека секој има право и можност да ја докаже својата невиност, така што не би навлегувал во дополнителни коментари за материјално да не го нарушам процесот – изјави Мицкоски.

Претходно, некои од медиумите објавија дека со акцијата е опфатен поранешниот директор на Царинската управа и поранешен градоначалник на Карпош, Стефан Богоев. 

– Повеќе лица се приведени од страна на овластени службени лица од Управата за финансиска полиција како дел од акција која произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата, а за кои постојат основи на сомнение дека се извршени од службени лица и други лица што ги искористиле своето влијание, општествената положба и угледот со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери – соопштија вчера од Финансиска полиција.

Овластени службени лица од Управата вчера постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, спроведувале претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации. 

– Акцијата произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата, а за кои постојат основи на сомнение дека се извршени од службени лица и други лица што ги искористиле своето влијание, општествената положба и угледот со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери. Во рамките на акцијата, а во согласност со насоките на надлежниот јавен обвинител, од страна на овластени службени лица од Управата за финансиска полиција лишени од слобода се повеќе лица – се наведува во соопштението.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1