Connect with us

Вести

Муцунски: Толеранцијата мора да стане јавна политика и институционална култура на една држава

Мирот бара храброст, толеранцијата бара лидерство и демократијата од секој од нас бара да избереме одговорност пред поделба, достоинство пред омраза и соработка пред конфронтација – порача денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од 14. пленарна сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир.

На пленарната сесија, која се одржува во македонското Собрание на тема „Унапредување на толеранцијата и мирот: стратешката улога на парламентите во обликувањето и донесувањето политики за иднината“, тој истакна дека усвојувањето на скопската декларација ќе биде уште една потврда дека, без разлика на разните географии, политички системи и културни традиции, сите споделуваме една основна вистина: иднината не може да се гради врз омраза. Иднината се гради врз дијалог, солидарност и, пред сè, меѓусебно почитување.

Мирот, нагласи Муцунски, не се создава само во големи конференциски сали и не се обезбедува само со потписи на договори. 

– Тој се гради и преку секој разговор што спречува нова поделба, преку секоја институција што одбива да го нормализира говорот на омраза, преку секој лидер што избира одговорност наместо популизам – рече министерот.

Работата на Глобалниот совет за толеранција и мир, според него, изминатите години се етаблирал ако важен меѓународен форум за промоција на дијалогот, меѓусебното разбирање и соработката меѓу државите, народите и културите.

–  Во време кога сè повеќе гласови се обидуваат да нè убедат дека поделбите се неизбежни, вашата работа нè потсетува дека толеранцијата не е слабост, туку таа е сила. Таа бара зрелост, самодоверба и храброст. Полесно е да се одбие различниот, но потешкиот пат – патот по кој одите вие, но и најважниот пат – е да се разбере, да се почитува и да се најде заеднички јазик – рече Муцунски.

Токму тоа, нагласи, се вредностите што нашата држава ги споделува и активно ги промовира. 

– Нашата земја добро ја разбира вредноста на соживотот. Ние не зборуваме за различностите како некој теоретски концепт, ние ја живееме различноста. На овој простор со векови заедно живеат разни етнички, верски, културни и историски идентитети. Тие не се товар на нашето општество, тие се неговото најголемо богатство – истакна Муцунски истакнувајќи дека соживотот не е секогаш лесен и оти толеранцијата треба да се негува и штити, но и да се брани од стереотипи, омраза и политички злоупотреби.

Нашата држава, додаде, останува посветена на добрососедски односи, регионална соработка и на мултилатерализмот. 

– За нас, тоа не се само дипломатски фрази – тие ги сметаме како предуслов за стабилност, развој и за поттик кон нашата европска иднина. Како членка на НАТО и држава што активно чекори кон европскиот пат ние силно веруваме дека демократијата, владеењето на правото, човековите права и почитувањето на различните идентитети се нераскинливо поврзани со мирот и безбедноста – рече Муцунски.

Според него, во периодот што следува сите ќе се соочиме со заеднички предизвици како да се зајакнат демократските институции, како да се спротивставиме на дезинформациите, како да спречиме радикализација и како да креираме политики што ќе им дадат надеж и перспектива на младите генерации. 

– Толеранцијата не смее да остане само една убава реченица во меѓународна декларација. Таа мора да стане јавна политика, таа мора да биде дел од образованието, дел од институционалната култура на една држава, дел од медиумската одговорност и дел од нашата секојдневна комуникација – посочи министерот нагласувајќи дека улогата на политичките лидери е да го намалат тонот кога општеството се радикализира да градат доверба кога стравот станува политичка алатка, единството да им е конкретна обврска.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека светот денес нема недостиг од информации и моќ, туку недостиг од мудрост и доверба.

– И токму тука лежи историската улога на парламентарната дипломатија и на нашата мисија. Тука сме претставници од разни држави, разни култури и разни политички системи, но сите ние имаме една заедничка одговорност – генерациите што доаѓаат да имаат поголема стабилност отколку страв, повеќе дијалог отколку навреда, бидејќи мирот е како светлоста – не прави бучава кога се раѓа, туку менува сè што допира – рече Гаши.

Духот на соживот и толеранција, посочи тој, нè обединува денес во оваа важна сесија на меѓународниот парламент за толеранција и мир во време кога на светот повеќе од кога било му се потребни разум, дијалог и политичка одговорност. Соочени со војни, тензии, кибернетски закани, многубројни поларизации, говор на омраза и недоверба што продира во многу општества, градењето мостови на комуникација и дијалог останува единствената надеж за глобален мир и толеранција. 

– Тогаш кога политиката е во искушение да се подели на табори и судири, токму парламентите се тие што треба да ги бранат човечкото достоинство и универзалните вредности и да бидат гласот на разумот. Затоа одржувањето на овој настан во Собранието на нашата земја има посебно значење за нас и имам задоволство да бидам домаќин на овој настан, кој придонесува кон оваа мисија. За мене лично, парламентарната демократија е дел од мојата мисија верувајќи силно дека тоа е значаен инструмент за зајакнување на довербата, за доближување на народите и за промовирање на долгорочната стабилност – рече Гаши. 

Дијалогот, компромисот и мирот се граѓански вредности, затоа, според него, сме ретка земја во ова.

– Овој настан, кој денес го правиме, значи, е конкретно сведоштво кога постои визија и посветеност, која е искрена, меморандумите не остануваат само формални акти, туку произведуваат и резултати – додаде Гаши. 

Денешната сесија, според претседателот на Глобалниот совет за толеранција и мир, Ахмед бин Мохамед Алџарван, доаѓа во вистинско, односно во многу критично време за нашиот свет.

– Мораме да работиме заедно и искрено за мир и за намалување на тензијата и ескалациите во целиот свет, особено на Блискот Исток. Местата на кои од неодамна се зголеми нестабилноста влијаат на глобалната стабилност. Во оваа насока силно ги осудуваме нападите на Иран, кои ги таргетираат земите од Заливот, како и нападите врз цивилни цели, кои предзикаа и цивилни жртви – рече Алџарван нагласувајќи дека таргетирањето на цивилната инфраструктура и заканата врз регионалната статбилност се неприфатливи.

Смета дека неопходно е Ормусата Теснина да се држи отворена затоа што не е само основа во поморскиот сообраќај, туку има голема економска важност.

Изрази уверување дека регионот на Југоисточна Европа има многу важно место во процесите за глобалниот мир. Луѓето од овој регион, додаде, имаат поминато големи и тешки предизвици и имаат болни искуства, но сепак и покрај тоа, покажаа издржливост и решителност за да одат напред кон стабилност и заедничка егзистенција.

– Денес, регионот на Југоисточна Европа може да испрати многу важна порака во светот дека мирот е возможен, дека помирувањето се постигнува и толеранцијата може да ја надмине поделбата. Поради ова, веруваме дека треба да има посветена регионална платформа за промовирање на културата за толеранција и мир и го поддржуваме воспоставувањето балкански тим во нашите заеднички меѓународни напори за зајакнување на соработката, дијалогот и заемното разбирање во целиот регион – истакна Алџарван.

Денешниот состанок има големо значење и за претседателот на Меѓународниот парламент за толеранција и мир, Џангранг Епаинете Сенде, и според него – трајниот мир не е само дипломатски идеал, туку треба да претставува и политичка, судска и институционална амбиција, која ќе биде поддржана од сите парламенти во светот.

– Парламентарните институции не се само простори за репрезентација, тие се стратешки столбови за превенција од конфликти, за консолидација врз соживотот и за креирање иднина што се заснова на човечкото достоинство, правда и заедничко почитување – рече Сенде.

Во време кога, како што рече, имаме говор на омраза, нетолеранција, радикализам, кражби на идентитет – вооружените конфликти, раселувањето на населението, економските и социјалните кризи, геополитичките тензии сè повеќе растат, само нè потсетуваат дека мирот никогаш не е дефинитивно постигнат. 

– Мирот се гради, се заштитува и се обновува постојано. Во овој контекст, толеранцијата не треба да се гледа само како една морална вредност, туку таа е стратегиски императив за стабилноста на земјите, кохезијата помеѓу општеството и колективната безбедност. Во овој поглед, всушност, парламентите имаат историска одговорност – истакна Сенде.

Како одговорни за законодавството, истакна дека стратешката улога на парламентите може да се заснова на три големи приоритети: борбата против секаква омраза, буџет за мир и контрола, предвидување и известување.

На крајот на 14. пленарна сесија ќе биде усвоена скопската декларација на Меѓународниот парламент за толеранција и мир.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1