Connect with us

Регион

Нови правила, критериуми и забрани за фотоволтаични централи и ветерни електрани во Грција

Забрана за поставување фотоволтаични централи во заштитени подрачја од мрежата НАТУРА 2000, во шуми и национални паркови, забрана за поставување ветерни електрани во Солун и Атина, на места на надморска над 1.200 метри и на мали острови, предвидува, меѓу другото, новата специјална просторна рамка за обновливи извори на енергија на Министерството за животна средина и енергетика на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за животна средина и енергетика на Грција информираа дека новата рамка, што е ставена на јавна расправа, поставува појасни и построги правила, ја заштитува животната средина, но и локалните заедници, а првата ваква рамка била воспоставена во 2008 година, како основа за развој на секторот на обновливи извори на енергија во земјата.

Посочија дека над 50 отсто од електричната енергија што се троши во Грција е од обновливи извори на енергија (ОИЕ), земјата е на трето место во светот по уделот на сончевата енергија и на деветто место по ветерна енергија, а од 2024 година, стана нето извозник на електрична енергија.

– Овој напредок бара правила, планирање и рамнотежа. Реалната енергетска транзиција се гради со кохерентност, земајќи ги предвид природата и човечката активност, а се потпира на просторното планирање што обезбедува рационално поставување на ОИЕ, заштита на животната средина и праведна распределба на придобивките. Токму кон ова се стреми новата специјална просторна рамка за ОИЕ: да воспостави јасни правила, критериуми и ограничувања за локација на проектите, земајќи ги предвид еколошките, социјалните и економските услови за следните децении, информираа од надлежното Министерство.

Поконкретно, за фотоволтаичните електрани не е дозволено да се постават во сите заштитени подрачја од мрежата НАТУРА 2000, во шуми и шумски површини, во национални паркови, во подрачја карактеризирани како места со посебна природна убавина, во места прогласени за заштитени споменици на светско културно наследство, на плажи за капење, а паралелно се воведуваат нови критериуми и правила поврзани со локацијата.

За ветерните електрани, забрането е да бидат поставени во Атика, поширокиот регион на Атина и во Солун, во подрачја со надморска височина поголема од 1.200 метри, во подрачја карактеризирани како места со посебна природна убавина и во срцата на националните паркови, во зони на заштита на природата, на острови со површина помала од 300 квадратни километри, освен ако се работи за покривање на потреби од јавен интерес на конкретниот остров (на пример постројки за десалинизација), во подрачја со висока туристичка развиеност, на плажи за капење.

Новата рамка не ги вклучува проектите што веќе се во функција, оние кои веќе имаат добиено еколошка дозвола, како и фотоволтаиците што се поставуваат на покриви на згради.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1