Регион
Политика е новиот сопственик на НИН
Друштвото за новинско-издавачка дејност НИН д.о.о. денеска соопшти дека ја пренесува сопственоста врз своето цело издавачко портфолио и правата врз брендот НИН (Неделни информативни новини) на компанијата „Политика новини и магазини“ д.о.о. (ПНМ).
Во соопштението се наведува дека досегашниот главен и одговорен уредник Александар Тимофејев, кој успешно го водеше весникот низ периодот на транзиција, го завршува својот уреднички ангажман во НИН.
Тимофејев изјави дека е сигурен дека НИН го зачувал она што е основа на новинарството – објективноста, професионалноста и вистината.
Досегашната сопственичка и директорка на НИН д.о.о. и директорка на „Ringier Serbia“ д.о.о., Јелена Дракулиќ Петровиќ, изјави дека од перспектива на медиумскиот бизнис, подигнувањето на НИН на денешното ниво било голем предизвик и важен професионален потфат.
– По три години вложување во квалитетот и развојот на овој медиумски бренд, со воспоставување високи стандарди на работење, за НИН сега се отвора ново поглавје во рамките на поголем медиумски систем и ресурсите што таков систем може да ги обезбеди – рече таа.
НИН е основан на 26 јануари 1935 година и е најстариот неделен весник на Балканот. Од 1954 година, весникот ја доделува НИН-овата награда за најдобар роман на годината, која и понатаму претставува централен столб на српската книжевност и едно од најзначајните културни признанија во регионот.
мај 16, 2026
