Култура
Пејковски, Антовски и Немет со иницијатива за посилна меѓународна промоција на македонската култура
Директорот на Македонски културно-информативен центар во Софија, Зоран Пејковски, оствари работна средба со истакнатиот македонски тенор Мирослав Антовски од Македонска опера и младиот оперски уметник Марио Немет.
Средбата, која се одржа во просториите на Македонскиот КИЦ во Софија, помина во духот на искрен дијалог, меѓусебна почит и заедничка заложба за афирмација на македонската култура и уметност надвор од државните граници.
-Во текот на разговорите истакната беше суштинската улога на културата, уметноста и традицијата како темелни носители на националниот идентитет, духовноста и историската меморија на македонскиот народ. Посебно внимание беше посветено на потребата од нивна континуирана, достоинствена и силна меѓународна афирмација, особено во време кога културната дипломатија претставува еден од најважните мостови за поврзување меѓу народите и државите- информираат од Македонски културно-информативен центар во Софија.
Соговорниците се согласиле дека македонското музичко и уметничко творештво поседува високи естетски и професионални вредности, кои заслужуваат уште поширока промоција пред европската и светската јавност. Во таа насока, била нагласена потребата македонската културна сцена да се претставува со јасна автентичност, уметничка препознатливост и современ израз, кој ќе ги афирмира богатството на македонската традиција и креативниот потенцијал на современите уметници.
На средбата акцент бил ставен на можностите за воспоставување и продлабочување на идната соработка преку организација на заеднички културни и музички проекти, концерти, уметнички вечери и меѓународни културни настани.
Овие иницијативи, како што било потенцирано, ќе придонесат не само за зацврстување на културните врски и размена на искуства, туку и за отворање нови можности за афирмација на македонските уметници и културни вредности на меѓународната сцена.
Пејковски ја истакнал определбата на Македонскиот културно-информативен центар и понатаму активно да иницира и поддржува проекти кои ќе придонесуваат за зачувување, развој и силна меѓународна промоција на македонската култура и современото уметничко творештво.
Средбата, како што се додава во соопштението, била оценета како значаен чекор кон зацврстување на културната соработка и создавање нови можности за презентација на македонските духовни и уметнички вредности во меѓународен контекст.
мај 14, 2026
