Скопје
Во Козле заловен волк, бил чуван како „домашно милениче“
Во населбата Козле синоќа бил забележан волк со синџир и ремче – чуван како домашен миленик, а по интервенција на надлежните служби, тој е заловен и згрижен во Зоолошката градина – Скопје.
– По пријава од загрижени граѓани, на местото интервенира МВР, а веднаш потоа пристигнаа и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од Град Скопје и волкот беше успешно и безбедно заловен. Во моментот тој е безбедно транспортиран до Градината, а ЗОО Скопје ќе го згрижи и ќе му обезбеди соодветна грижа и услови во иднина. Престојниот период ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица – информираат од ЗОО Скопје.
Од таму велат дека, за среќа, оваа ситуација завршила без последици бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираат и потсетуваат дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно.
– Волците не се миленици и не смее да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни, кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување. Апелираме до граѓаните, доколку забележат нелегално чување диви животни, да го пријават до надлежните институции. Благодарност до МВР, Град Скопје, вработените во Зоолошката градина, Сашо Панчев и Тина Мицковска, и до сите вклучени служби за брзата и координирана интервенција – се вели во објавата на фејсбук-страницата на Зоолошката градина – Скопје.
За случајот се огласи и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој вели дека ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина.
– Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци, кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани – напиша Ѓорѓиевски во објава на „Фејсбук“ истакнувајќи дека очекува институциите да ги преземат сите неопходни мерки и целосно да го расчистат случајот.
Ѓорѓиевски порачува дека во Скопје мора да има ред!
– Мора да изградиме похумано, побезбедно и одговорно општество, во кое законите важат за сите, а животните се третираат со грижа, а не како предмет за нечие изживување – се вели во објавата од скопскиот градоначалник.
мај 12, 2026


