Свет
Вкупно 94 патници досега евакуирани од бродот „Хондиус“ зафатен од смртоносниот хантавирус
Вкупно 94 патници и членови на екипажот досега се евакуирани од крузерот „Хондиус“ зафатен од смртоносниот хантавирус.
Како што соопшти шпанската министерка за здравство, Моника Гарсија, станува збор за државјани на 19 земји, кои вчера со осум специјални лета ги напуштиле Канарските Острови.
За денеска е најавена евакуација на уште шест лица за Холандија и 18 лица за Австралија.
Евакуацијата се случува една недела откако Светска здравствена организација (СЗО) соопшти дека тројца патници на бродот – постар холандски брачен пар и една германска државјанка – починале во сомнителна појава на хантавирус.
Хантавирусот може да предизвика треска и тешки респираторни заболувања кај луѓето, а најчесто се пренесува преку контакт со урина, измет или плунка од заразени глодари.
Пред вчерашната евакуација бил извршен темелен епидемиолошки преглед на сите 152 патници на бродот, а резултатите покажале дека ниту едно од лицата немало симптоми на заболувањето.
Гарсија изјави дека по евакуацијата еден француски државјанин покажал симптоми на болеста, додавајќи дека француските власти ќе ги применат своите здравствени протоколи.
Таа додаде дека 34 лица, главно членови на екипажот, ќе останат на бродот и со крузерот ќе отпловат назад кон Ротердам.
Според СЗО, досега се потврдени шест случаи на хантавирус и уште два сомнителни случаи, од кои три завршиле со смртен исход.
Откако сите патници ќе го напуштат бродот, „Хондиус“ што плови под холандско знаме ќе го продолжи патувањето кон Ротердам со дел од екипажот. Телото на германската жртва ќе биде симнато од бродот дури по пристигнувањето таму, откако претходно пловилото ќе биде целосно дезинфицирано.
Крузерот „Хондиус“ го започнал патувањето во Аргентина на 1 април, се закотвил кај Кабо Верде, а во средата вечер отпловил кон Канарските Острови.
Бидејќи повеќе од 30 патници и членови на екипажот се симнале за време на претходните застанувања на бродот, здравствените власти ширум светот трагаат по можни сомнителни случаи.
мај 11, 2026

